Отворање на изложбата „Простори на конјункција“ во македонскиот КИЦ во Истанбул

Во галеријата на македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул, денеска, ќе биде отворена изложбата „Простори на конјункција“, во организација на КИЦ – Истанбул и Националната галерија на Македонија.
Изложбата претставува нова страница во соработката меѓу двете институции и можност истанбулската публика да се запознае со современата македонска уметност.
– Преку графика, цртеж, фотографија, видео, објект и колаж, уметниците отвораат дијалог меѓу индивидуалното и општественото, претворајќи го уметничкиот чин во простор на тензија, симбиоза и интерпретација. Изложбата го утврдува уметничкиот израз како динамичен простор во кој личните и интимни фрагменти се преплетуваат со колективната меморија и културните матрици. „Простори на конјункција“ е емотивно и визуелно патување низ спомени, граници и културни слоеви, документ и мапа на времето во кое живееме. Уметноста тука не е стабилна, туку жива и променлива, како колаж што постојано се составува повторно, велат од КИЦ – Истанбул.
На изложбата ќе бидат претставени дела од авторите Роберт Јанкулоски, Кристина Пулејкова, Велимир Жерновски, Георги Десподов, Моника Мотеска, Дарко Алексоски, Методи Ангелов-Мето, Шќипе Мехмети, Ирена Паскали, Михаела Јовановска, Славица Јанешлиева, Ѓорѓе Јовановиќ, Ацо Станкоски, Иванчо Талевски, Жанета Вангели, Верица Ковачевска, Марија Сотировска, Кристијан Јовановски, Марико Исеини и Игор Сековски.