Отворање на „Есенски музички свечености“ со концерт на Камерниот оркестар „БА-РОК“

Со концерт на Камерниот оркестар „БА–РОК“ вечерва во фоајето на Националната опера и балет во 20:30 часот, свечено ќе биде отворено годинашното издание на манифестацијата „Есенски музички свечености“ 2022.
Камерниот оркестар е во состав Климент Тодоровски, Јане Бакевски – виолини, Марија Георгиева – виола, Кирил Јосифов – виолончело, Митко Иванов – контрабас, Марија Јакимовска – Флејта / пиколо, Татијана Петрушевска и Ѓорѓи Петрушевски – обои, Марјан Милошевски – фагот, Теодор Теодосиевски – ударалки.
Како солисти ќе настапат Биљана Јосифов – сопран, Николина Јаневска – мецосопран и Драган Ампов – баритон. Диригент и чембалист е Иван Еминовиќ, а режисер е Љупка Јакимовска.
Членовите на ансамблот „БА-РОК“ својот прв заеднички настап го имаа на Мајските Оперски Вечери 2021 година во продукција на Националната Опера и Балет со претставата „ Игри на животот“ на која се изведе музика исклучиво од Барокот. Од таму произлезе идејата да продолжат да дејствуваат како ансамбл негувајќи ја Барокната музика, имајќи ја во предвид раритетноста на изведување на ваков музички стил во Северна Македонија.
-Самата комплексност на Барокниот стил, бара од изведувачите голема виртуозност и висок професионализам, што е одлика на сите членови од ансамблот. Секој член на ансамблот е солист во оркестарот, нашите пејачи се носители на главни улоги во повеќето оперски претстави на сцената на НОБ. Предводени од нашиот диригент Маестро Иван Еминовиќ кој ја зазема и позицијата на чембалист во ансамблот и добро организирани од страна на професионален режисер се стремиме да ги достигнеме светските трендови и критериуми за изведба на исклучителен Барокен перформанс. Преку пристапот и начинот на изведба ќе се обидеме да го воздигнеме програмското и изведувачко ниво, а со тоа, да понудиме можност и да разбудиме интерес кај публиката за градење на свој вкус и категоризација на уметноста со високи вредности, наведуваат од ансамблот.