Отстранети 1.500 м3 отпад – угостителите ќе добијат посебен систем за смет
Во текот на месец ноември 2025 година, екопатролата при ЈП „Комунална хигиена“-Скопје реализираше вкупно 179 едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпадот.
Претставниците на екопатролата ги информираа и едуцираа граѓаните на кој начин, каде и во кои термини, согласно законските одредби, треба да го одлагаат комуналниот отпад и отпадот од пакувања, со цел – заштита на животната средина и јавното здравје, известуваат од ЈП „Комунална хигиена“-Скопје.
„Во текот на минатиот месец, екипите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје подигнаа и транспортираа 1500 кубни метри непрописно одложен мешан комунален, кабаст и градежен отпад. Интервенирано е во речиси сите скопски општини, како и на таканаречените „црни точки“ каде што е забележано континуирано одлагање отпад на јавни и на сообраќајни површини“, велат од ЈП „Комунална хигиена“-Скопје и додаваат дека во наведените месечни податоци, не се пресметани отстранетите количини непрописно одложен отпад во рамките на масовната акција за чистење на градот што се одвиваше во периодот од 6-9 ноември.
Скопските угостителски објекти ќе добијат посебни контејнери и тарифник за отпад, избран и советник за секторот
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, пак, вчера се сретна со угостителите и најави конкретни мерки за уредување на работењето на угостителските објекти и подобрување на урбаниот ред во градот.

Ѓорѓиевски соопшти дека е постигнат договор секој угостителски објект да обезбеди сопствени контејнери за отпад, како и да добие посебен тарифник со јасно утврдени правила и термини за собирање на отпад, кои ќе важат исклучиво за правните субјекти. Според него, мерката има цел да се стави крај на нередот и да се воспостави поодговорно и поуредено функционирање во јавниот простор.
„Ако сакаме Скопје да биде чист, уреден и функционален град, мора да поставиме јасни правила и да работиме заедно“, порача градоначалникот, посочувајќи дека ваквиот пристап е неопходен за долгорочно подобрување на урбаниот амбиент.
На средбата било договорено и назначување на посебен советник задолжен за секојдневна комуникација меѓу угостителите и кабинетот на градоначалникот. За таа улога е избран Драган Арсовски, по предлог и согласност на сите чинители во секторот. Ѓорѓиевски истакна дека Арсовски ќе биде директна врска за решавање на проблемите на терен и за подобрување на условите за работа.
Дополнително, договорено е до 15 јануари угостителите да ги достават елаборатите за користење на урбаната опрема која во претходните години не била наплаќана, со цел да се воспостави јасен и праведен ред во оваа област.
„Го враќаме ноќниот живот во Скопје, но истовремено го враќаме и редот. Ова е заедничка обврска кон граѓаните“, нагласи градоначалникот, додавајќи дека градот заслужува современ урбан живот, култура и силна економија, што е возможно само преку партнерство со угостителскиот сектор.