Откупот на пченицата за стоковните резерви ја зголеми цената за еден денар


Откупот на пченицата за стоковните резерви предизвика зголемување на цената на лебното зрно за еден денар. Потпреседателот на Асоцијација на земјоделци, Гоце Сарафимов вели дека одредени млинови почнале да ја откупуваат пченицата по 13 денари, колку што изнесува и цената за откуп за стоковните резерви.

-Претходно пченицата беше по 12 денари. Но, таа цена беше за прва класа. Оваа година, бидејќи беше многу сушна, мислиме дека пченицата повеќе се користи и за исхрана на стоката. Во доволни количини нема мумуруска, пченка, нема и тоа во Македонија, Србија и во сите околни држави. Заради сушата многу е намалено производството на мумуруската и за таа сметка ќе биде дополнета со пченицата, изјави Сарафимов.

Според него, прв пат се откупува пченица за стоковните резерви од индивидуалните земјоделци кои можат да предадат од 5 до 30 тони лебно зрно за стоковните резерви. Сарафимов очекува наредната година откупот на пченицата да биде порано, како што им ветиле од ресорното Министерство. Смета дека со ова ќе бидат и подобри цените за откуп на житните култури.

-Првпат се откупува пченица за стоковните резерви, порано можеше да биде и од друга држава. Првпат се откупува директно од индивидуалните производители, а истото ќе биде и со откупот на оризовата арпа за стоковните резерви, ќе се откупа за првпат, вели Сарафимов.

Според евиденцијата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостапанство годинава под пченица била засеани 70 000 хектари, а проценките се дека се произведени 280 000 до 300.000 тони пченица со што ќе се задоволат домашните потреби.