Откриен е нов сој на коронавирус, заразените можат да бидат болни неколку месеци


 

Додека лекувале пациент во Индонезија, научниците откриле нова „најмутирана“ верзија на коронавирусот. Овој вид има повеќе од 110 мутации, двојно повеќе од омикронот.

Оваа преобликувана верзија на делта е пронајдена од брис на пациент во Џакарта и има 113 уникатни мутации, од кои 37 влијаат на шилестиот протеин што вирусот го користи за да се прикачи на луѓето.

Научниците го нарекоа овој досега неименуван вид најекстремен што некогаш го виделе, но сè уште нема докази дека сојот може да се прошири, а доколку се прошири, експертите наведуваат дека тоа нема да доведе до нов карантин.

Пациент кој е заразен, наместо да го преболи вирусот за неколку недели, страда од продолжена инфекција која може да трае неколку месеци. Инфекции како оваа се јавуваат кај пациенти со компромитиран имунолошки систем, како што се оние со СИДА или оние кои се подложени на хемотерапија за рак, кои затоа се помалку способни да се борат со вирусот.

Сепак, ваквите инфекции ги загрижуваат научниците бидејќи создаваат совршени услови за мутација на коронавирусот и на тој начин му овозможуваат да ја измами одбраната на телото, пишува Дејли мејл.

„Како што вирусот се шири и продолжува да мутира, тој неизбежно ќе резултира со сериозни инфекции кај најчувствителните, а исто така ќе го зголеми бројот на оние кои го трпат од долгорочните последици од инфекцијата“, рече Лоренс Јанг, виролог во Универзитетот во Ворвик.