Откажани летови, евакуирани жители поради тајфун на јапонскиот остров Окинава (Видео)


Летови се откажани, а на десетици илјади луѓе им е советувано да се евакуираат, бидејќи моќниот тајфун Ханун се приближува до островот Окинава, кој се заканува со поројни дождови и силни ветрови.

На жителите во дел од тропската префектура им е препорачано да се евакуираат бидејќи бурата, со предвидени налети на ветер до 233 километри на час, полека се движи кон северозапад, а само во градот Наха беа погодени најмалку 20.000 луѓе.

Аеродромот Наха е затворен, а откажани се сите летови до и од областа. Вкупно повеќе од 900 меѓународни и домашни летови се откажани од денеска напладне, јави ТВ Асахи.

Најмалку 180 мм дожд се очекуваат до утре напладне, кога невремето најверојатно ќе биде најблиску до областа, јави јавната телевизија НХК. Други делови на Јапонија исто така доживеаја лоши временски услови.

Речиси 15.000 домаќинства останаа без струја во главниот град Токио и околните области по силната бура со грмотевици, според локалниот дистрибутер на електрична енергија.