Отишле по лична карта, се вратиле со бурек и перек


Фото: Б. Грданоски

 

Нема повеќе метеж и чекање по цел ден доколку сакате да извадите нов пасош или лична карта, но не оди сè како подмачкано, како што уверува министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Од септември лани, за фотографирање при вадење нови лични документи, лична карта, возачка дозвола или пасош, се користи пунктот во полициската станица „Пролет“, а турканици нема, уверува повеќепати министерот.

Една повозрасна скопјанка, загрижена дали од годинава ќе може да ја подига пензијата, затоа што има лична карта со старото име на државата, закажала термин. Се јавиле попладнето на 25 декември, а од таму ѝ закажале фотографирање на 26 декември во 19 часот, во полицикста станица „Пролет“.

Таму имало дваесетина и повеќе луѓе кои чекале, но штом стигнала веднаш ја повикале и завршила работа за неколку минути.

Прашала каде и кога треба да ја подигне личната карта, на што службеникот рекол во полициската станица во Аеродром, со оглед на тоа што нејзината адреса на живеење е во оваа општина. Но, полициската станица во Аеродром веќе две години се гради и е преместена.

„Кај `алфите` во Лисиче“, појаснил службеникот, за десетина дена“.

Но, вчера вечерта стигнала порака во која пишува дека личната карта е изработена и треба да се подигне на 4 јануари од 9-10 часот во просториите на полицијата во МРТВ.

Кога отишле таму, им кажале дека системот така известил, но личната карта треба да ја подигне во Лисиче, во полициската. Заминале таму, но службениците кажале дека личната карта уште не им е доставена.

За да не им биде џабе патот, од познатата пекарница „Ваташа“, си купиле бурек и перек. Личната карта, ќе се обиде да си ја земе по празниците, но кога точно не знае ниту таа, ниту службениците во полициската станица во Лисиче. (Б.Б.)