Осветувањето на храмот „Свети Константин и Елена“ низ фотографии

По цели 13 години изградба, одложувања и жестоки јавни контроверзии, црквата „Св. Константин и Елена“ на улица Македонија конечно беше отворена денес.
Ова не е само обична црква; таа е еден од централните споменици на контроверзниот проект „Скопје 2014“. Нејзината изградба, која започна во 2012 година и беше дочекан со масовни граѓански протести.
Главните критики беа насочени кон тоа што црквата се гради на местото на дотогашен јавен парк во најстрогиот центар на градот, како и кон нејзиниот неокласичен стил, кој според многу архитекти е несоодветен за околината.
Власта тогаш ја оправдуваше изградбата со фактот што на тоа место некогаш постоела стара црква со истото име, која била урната во земјотресот од 1963 година. Затоа оваа црква, уште од самиот почеток, беше симбол на длабоките политички и културни поделби во македонското општество.
За нејзините поддржувачи, таа е свет храм, возобновување на уништен верски објект и триумф на верата. За нејзините критичари, таа е симбол на политичката ароганција на една власт, чин на „урбано насилство“ и кич кој го уништи јавниот простор.
Со осветувањето в недела, конечно се затвора едно бурно поглавје од поновата историја на Скопје. Лимените тараби конечно се отстранети, но црквата ќе остане како траен и поларизирачки споменик.
Фото: Борис Грданоски