Осуммина повредени во напад со поморски дронови во руското летувалиште Сочи
Поморски дронови синоќа повредија осум лица во Сочи, популарно руско летувалиште на Црното Море, соопштија властите на околната Краснодарска област преку апликацијата Телеграм.
Во објавата се наведува дека е делумно оштетена инфраструктурата на плажата во Сочи. На снимка од крајбрежното шеталиште, објавена на социјалните мрежи, се гледа експлозија и се слуша пукање, придружено со крици од луѓе.
Повеќе светски агенции ја потврдија автентичноста на снимката.
Додека Украина речиси секојдневно ја напаѓа Русија со дронови од воздух, вклучувајќи и напади длабоко во руската територија со цел уништување на енергетската, извозната и логистичката инфраструктура, нападите со поморски беспилотни леталата се поретки.
Сочи беше домаќин на Зимските олимписки игри во 2014 година, кусо време пред Русија да го анектира полуостровот Крим од Украина, кој исто така се наоѓа на Црното Море. Во Сочи своја официјална резиденција има и рускиот претседател Владимир Путин.