Осумгодишно дете од Битола каснато од куче со ушна маркица


 

Осумгодишно дете од Битола се здобило со повреда на челото и имало неколку скопци откако куче со ушна маркица го нападнало додека со родителите било во пицерија во строгиот центар на Битола.

Детето е однесено на болница и раната му е санирана.

Настанот се случил вчера кога детето додека седело со родителите во пицеријата го хранело кучето. Во еден момент, кучето го нападнало детето нанесувајќи му повреди на челото.

„Ова се само неколку капки крв, траги, како една фамилијарна вечера се претвора во трагедија… Куче скитник нападна дете бидејќи немаше повеќе храна која ја делеше со истото…“, стои во објава со фотографии на Фејсбук група во Битола. 

Од Битолската клиничка болница потврдуваат дека имале интервенција. Детето било повредено на челото.

Од СВР Битола засега не можат да го потврдат случајот, бидејќи кај нив не е пријавен. Велат дека во последните неколку денови имало пријави за други случаи на нападнати граѓани од кучиња скитници, но не и за дете. 

Меѓутоа таткото на детето во една од групите на Фејсбук самиот пишува за настанот и повредата кај детето и за виновник посочува едно од здруженијата за заштита на животните.

„Ако некој знае каде имаат канцеларија ве молам да ми помогните… Ве молам да ми помогнете да ги излечам раните од син ми што ќе ги носи цел живот…“, пишува меѓу другото таткото. 

Од Општина Битола изразуваат длабоко жалење за немилиот настан во угостителски објект на плоштадот Магнолија и потврдуваат дека осумгодишно дете се здобило со повреда на челото, како резултат на напад од улично куче. Градоначалникот Тони Коњановски се чул телефонски со родителите.

Од општината излегоа со информација во која стои дека само со организиран пристап на сите институции и активна работа на прифатилиштето за бездомни животни „Хачико“ ќе се постигне решение не проблемот со кучињата во Битола и ќе се  зголеми безбедноста на граѓаните.

„Општината интензивно работи на решавање на проблемот со бездомните кучиња. Во координација со ЈП ‘Комуналец’, Општина Битола веќе ги презема сите потребни мерки за спречување на вакви случаи. Овој инцидент уште еднаш ја потенцира потребата од систематско и долгорочно решение на проблемот со бездомните кучиња. Прифатилиштето ‘Хачико’, кое започна со работа во октомври 2024 година, претставува важен чекор во воспоставувањето организиран пристап за справување со оваа проблематика“, објави општина Битола. (А.Б.)