Осумдесет години од настаните на Скопското Кале

Настаните од 7 јануари 1945 година се едни од најконтроверзните во последните месеци од Втората светска војна. Можеше ли македонската војска да оди кон Солун, кога во северна Грција се наоѓаа бројни британски трупи, сојузници, тогаш македонски сојузници


Што се случувало во Скопје на 7 јануари 1945 година? Или зошто јануарските настани на Скопското Кале беа табу тема  до осамостојувањето на Македонија 1991 година? Не дека не се знаело за тие настани, туку, едноставно, власта избегнувала да се зборува за нив. Иако учесник во настанот, за тоа не зборува ниту генерал Михајло Апостолски во својата книга од 1973 година. Слично чинеле и македонските историчари.

Години по ред во Бугарија темата со „Крвавото Коледе“ максимално се експлоатираше. Мислев дека оваа година ќе спласне „ентузијазмот“ особено на членовите на Бугарската акдемија на науките (БАН). Сепак, минатата сабота се јави доцент Спас Ташев од БАН и како задолжен за оваа тема зборувашпе во емисијата „Паметење без заборав“ на телевизијата Евроком, чиј уредник е Горан Благоев. Беа изнесени по којзнае кој пат истите лаги многу познати на македопнската јавност. Затоа решив да кажам она што го знам и во кое верувам.

Роден сум во февруари истата таа година кога македонските партизани наместо на Срем сакале да одат на Солун. Во текот на мојот живот ме копкаше да разберам што, всушност, се случило. И мојот татко Гроздан Зашов не сакал да оди да војува во Срем. Дали сакал да оди на Солун не ми е познато. Ја немав таа можност да го прашам, зашто тој од тогашното кочанско општинско раководство, во кое доминирало блиското семејство на Благој Попов, бил присилен да оди во Срем со 14. македонска ударна младинска бригада „Димитар Влахов“ и загина во битка со Германците и усташите на реката Илова недалеку од Загреб. А беше син единец, имаше 28 години, семеен човек (три деца) и со стари родители.

Прв пат за настаните на Скопското Кале имав можност да разговарам во 1971 година во Загреб. Генерал Апостолски беше дојден да одржи предавање на покана од нас, студентите од Македонскиот клуб. Тоа беше периодот кога Апостолски беше отстранет од војската и од македонското раководство. Му бев водич на генералот и можев во текот на еден ден со него да разговарам за многу прашања. Му го поставив и прашањето: „Што се случи на Скопското Кале на Божик 1945 година“? Не беше многу расположен да одговори. Рече дека кај борците дошло до пропаганда дека наместо да се оди на Срем треба да се оди на Солун. Тој им одржал говор на построените војници во скопската касарна и ситуацијата се смирила.

Времето минуваше а македонската јавност и понатаму остануваше неинформирана за тие настани.

По прогласувањето на независноста на Република Македонија дојде ред јавно да се зборува и за тоа. Прашањето го отвори новинарот Борис Поп Ѓорчев, кој се интересираше за судбината на неговиот татко убиен во Велес. На 23 февруари 1991 година новинарот Виктор Цветаноски во „Нова македонија“ објави разговор со историчарот Ѓорги Малковски, кој рече: „Историографијата мора да ја каже вистината“. Во меѓувреме за овој настан се интересираа и други македонски историчари. Нивни трудови можеа да се сретнат во зборници од научни собири и во историографски и други изданија.

Со оглед на констатацијата дека во многу пишувања за настанот имало сензационализам и обвинувања насочени против политичкото и военото раководство на НОБ, кое не дозволило да се тргне за Солун наместо за Берлин, група историчари истражуваа во Архивот на РМ и изготвија Зборник на документи со наслов „Настаните на Скопското Кале на 7 јануари 1945 година“. Од документите се гледа дека не е извршена ниту една смртна казна за бунтот на партизаните на Скопското Кале, кои наместо на Срем сакале да одат на Солун. Но докажано е тоа дека проблемот со обединувањето на Македонија било присутно меѓу македонските војници. Од споменатата книга дознаваме дека револтот на македонските војници и офицери бил и поради поставувањето на српски офицери во македонските бригади. Во 2011 година повторно Виктор Цветаноски се јавува овојпат во „Публика“ со фељтон за овој настан. И во него се тврди дека сѐ уште целосно не се разјаснети овие настани. Но тој се потруди да објави и сведоштва на семејствата на осудените и ликвидираните учесници во побуните во Скопје и Штип. Од нив тој заклучува дека „бројката на тие што платиле со глава поради тоа што барале да се оди на Солун била поголема“.

Кој е мотивот на македонските војници да се побунат? Дали во бунтот има и странски влијанија? Дали војниците знаеле што ќе се случи ако тргнат на Солун? Ова се прашања кои и денес се актуелни. И за нив треба научно и документирано да се пишува и говори.

Оваа тема и немаше да биде така „драматична“ ако не се појавеше еден странски фактор кој од сопствени интереси одново ја отвори во 2020 година. А тоа е Бугарија. Поранешниот амбасадор на оваа земја во Македонија, Александар Јорданов, во еден напис во 2020 годиона тврдеше: „На 7 јануари 1945 година Божик (Коледа) во Вардарска Македонија без суд и пресуда беа убиени 1.200 Бугари“.

Во едни нови односи создадени по потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка меѓу двете земји и очекувањето Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, бугарската страна почна кампања во која сакаше да докаже дека во минатото македонските власти „убивале Бугари“. За таа цел е напишана книгата на Веселин Ангелов „Македонската  крвава Коледа: создавање и утврдување на Вардарска Македонија како република во југословенската федерација (1943-1946)“. Следуваа многу написи во бугарските весници, списанија и емисии на телевизијата. Беше изготвен и филм под наслов „Крвавата Коледа“. Да ги споменам во оваа прилика само бугарската новинарка и политичарка Милена Милотинова, академиците Кирил Топалов и Спас Ташев и многу други. Кон нив се придружи и македонскиот Бугарин, новинарот Владо Перев, потоа Љупчо Нешов од Бгнес, Благој Шаторов и др.

Но најдалеку во нападите и фалсификатите за овој настан отиде Марин Рајков, бугарски амбасадор во Рим и Лондон и премиер на Бугарија во една од многубројните технички влади на претседателот Радев. Тој за Бгнес изјави: „Децата на македонските Бугари не може да учат стигматизирачки теории за нивното потекло“. Понатаму тој вели: „На 7 јануари 1945 година, југословенските власти и нејзините локални соработници започнаа кампања за насилна дебугаризација на Вардарска Македонија, позната како Крваво Коледе. Стрелањата во Скопје и во штипската касарна и задушувањето на воените немири на нашите сонародници против југословенските власти, на кои масовно им се придружиле и цивили, беа само почеток на крвавата репресија која ги однесе животите на илјадници македонски Бугари, кои одбиле да го прифатат етничкиот инженеринг. Оваа трагична страница не треба да се затвори без да се прочита. Не може да се бара простување за извршените злосторства со европско легитимирање на идеологијата во име на која тие се извршени. За да стапне на патот кон Европа, РС Македонија ќе мора да помине низ својата катарза – онаа низ која поминаа сите поранешни комунистички земји кои пристапија во ЕУ. Во јули минатата година, високиот претставник на ОН за Босна, Валентин Инцко, го прогласи за кривично дело негирањето на масакрот во Сребреница. Она што го правеше југословенскиот режим во различни времиња, не може да се третира поинаку“.

Ставовите на Рајков за македонското прашање ми се познати од многу порано. Се сеќавам, беше тоа пролетта 1998 година, кога на една конференција во Букурешт со овој бугарски дипломат и политичар еден саат споревме за бугарските ставови за Македонија. Претседавачот на конференцијата дури најде да нè опомене зашто се бевме зазбореле на висок глас, што им пречевме на другите учесници на конференцијата. И, се разбира, не можевме да се разбереме. Тогаш отворено му реков: „Господине Рајков, Бугарија доживеа три национални катастрофи заради и поради Македонија. Зарем не ѝ беше доста?“ Но кому да му докажуваш.

Тодор Живков и Цола Драгојчева во седумдесеттите години од минатиот век ставовите кон Македонија ги кренаа на национален пиедестал, за по нивното заминување новите антикомунистички бугарски раководители да ја продолжат истата политика. Круна на тоа беше изборот на 3 март како национален ден, денот на Санстефанска Бугарија. И продолжи истата бугарска негаторска политика кон Македонија. Претседателот Желев во јануари 1992 година во Давос му рече на Стојан Андов дека Бугарија ја признава Македонија како држава, но не и македонската нација. „Во иднина ќе се види кој со кого си е роднина“, рече Желев. Бев сведок на разговорот.

Сепак, и во Бугарија има реални прикази за настаните во Скопје во јануари 1945 година. Така, на пример, професорот Стефан Дечев вели: „Бунтот на 7 јануари 1945 година е дело на македонските националисти и израз на желбата на бунтовниците да не одат на Сремскиот фронт и Берлин, а едноставно да се насочат кон југ, да го ослободат Солун и своите браќа од Егејска Македонија“.

Македонија кон крајот на 1944 година беше ослободена од бугарскиот и германскиот окупатор. Македонската војска беше во касарните и очекуваше натамошни наредби. Дотогашните соработници на бугарската окупаторска власт или побегнаа во Бугарија или се притаија во своите градови и села во Македонија во очекување што ќе се случи со нив откако новата комунистичка власт ќе почне да се пресметува со дотогашните свои противници. Имало и такви кои биле инструирани да работат против новата власт а за бугарската кауза во Македонија. Биле нарекувани бугараши.

Во исто време се вршеа подготовки за учество на македонска војска за натамошни борби со германските трупи и ослободување на другите делови на Југославија. Меѓу Македонците дошло до дилема. Се прашувале дали не е време да се дејствува за обединување на трите дела на Македонија. Се појави паролата „Не сакаме на Берлин, сакаме на Солун“. Македонската војска чекала формална одлука за продолжување на борбите со упатување македонски единици на Сремскиот фронт. Дел од партизаните, сега војници на новата армија, не сакале да одат на Сремскиот фронт и дезертирале.

На 7 јануари 1945 година (православен Божик) во Офицерскиот дом во Скопје се одржувал Вториот конгрес на Народната младина на Македонија под раководство на Крсте Црвенковски. Бил присутен и Михајло Апостолски, началник на Генералштабот. Вооружени војници од касарната на Калето дошле на плоштадот пред Офицерскиот дом. Носеле разни пароли и извикувале дека не сакаат да одат на Срем туку на Солун.

Бугарската теза за настаните од тој период е дека „ на 6- спроти 7 јануари 1945 година започнала политичката репресија во Титова Југославија, во која илјадници луѓе со бугарски идентитет во Вардарска Македонија биле ликвидирани или малтретирани без судење – градоначалници, свештеници, учители и обични селани од цела Македонија. И продолжуваа стрелањето во Скопје и во касарните во Штип и задушувањето на воените бунтови на нашите сонародници против југословенските власти, на кои масовно им се придружија и цивили. Тоа беше само почеток на крвавите репресии, кои за две децении однесоа животи на илјадници македонски Бугари, кои одбиле да прифатат етнички инженеринг. Таа трагична страница не треба да биде затворена без да биде прочитана“.

Но, ајде да ја прочитаме таа страница. Ајде да видиме што македонските (во бугарскиот жаргон се зборува за југословенските) власти, а што бугарските власти во тоа време правеле со оние кои работеле за окупаторите, за Германците, за фашистите (пардон, за нацистите ,зашто немало фашизам туку нацизам во Бугарија како сојузник на Германија). А во сите македонски документи од тоа време се вели дека партизаните се бореле против фашистите. А тој термин им пречи на Бугарите и измислуваат дека тие во Македонија биле само „администратори“, зашто Македонците така ги чувствувале, ги пречекале со цвеќе при доаѓањето во 1941 година. А познато е дека при секоја окупација ќе се најдат профитери од новата ситуација. Па дури и да не се такви, ама од различни причини ја подржувале бугарската кауза. Впрочем, бугарската пропаганда во Македонија владееше во турско, но и во српско, како што велеа нашите стари. Останале старите врски и размислувања во ситуација на нова српска окупација на Македонија меѓу двете светски војни.

Како имав индиции дека и татко ми имал последици од „Крвавиот Бадник на Скопското Кале“, но жив не се вратил од Сремскиот фронт за да го распрашам за тоа, се интересирав кај оние кои бев убеден дека тоа го знаат. Во 2010 година, разговарав со генералот Тодор Атанасовски. Тој имаше своја верзија за настанот, иако самиот не учествувал во него. Објасни дека меѓу Македонците кои, по капитулацијата на Бугарија на 8 септември 1944 година им се приклучиле на партизанските единици во Македонија, имало и многу од оние кои биле војници од Македонија мобилизирани или регрутирани за време на бугарската окупација на Македонија. Меѓу нив, се разбира (според него), имало и некои кои биле индоктринирани од бугарскиот режим за македонското прашање и врбувани да работат за Бугарија и дека од нив потекнала идејата за „одење на Солун, а не на Срем“. Бугарските војници од новата Оточественофронтовска војска немаа волја да се борат против германските сили и се добиваше чувство дека сè уште се со Германците, рече генералот. Затоа и се вршеа манипулации со македонските национални чувства, а ние знаевме дека во Грција има британски трупи и требаше да се бориме против дотогашните сојузници. Сепак нашата парола ‘Напред на Берлин’ беше повеќе глобална отколку обмислена“, ми раскажуваше генерал Атанасовски.

Следниот со кого разговарав беше Бранко Ичокаев, борец во 14. младинска ударна бригада „Димитар Влахов“, која во јануари таа година од Скопје замина да се бори на Сремскиот фронт. Тој немаше сознанија за настанот на Скопското Кале, но ми потврди дека половина од партизаните во неговата бригада во почетокот на јануари 1945 година дезертирале на патот од Скопје до Куманово „зашто не сакале да одат на Срем“. Откако бригадата била одново пополнета, на 13 јануари заминала пешки кон Врање, зашто железничката линија била испрекината од бомбардирања. Но и по патот кон Србија имало дезертирање и за истото да се запре „морале“ во местото Биљача за пример да стрелаат двајца борци од бригадата на локалните гробишта и таму да ги закопаат. „Едниот беше Ром. Тој настан за мене беше голема траума. Се свртев да не го гледам стрелањето “, ми сведочеше Бранко Ичокаев.

Во Архивот на МАНУ се чува завештанието на Лазар Колишевски. Таму е сочувана и копија од еден негов говор одржан на 15.1.1945 година на Првото обласно советување на членовите на КПМ од Третата област во Штип. Тој вели: „Бугарските фашисти са војнички разбиени, но оставија свои агенти да го разединат нашиот народ, да ја разединат Титова Југославија … лозунгот ‘На Солун’, кој не одговара на нашата линија, особено денеска кога нив ги исползуваат непријателските сили, кога грчкиот народ се бори за своите права. Но ние не се откажуваме од обединување. Треба да избереме момент…“

Од погоре кажаното може да се заклучи дека ситуацијата по ослободувањето на Македонија не била сосема јасна, дека постоело сомнение дека има бугарски агенти кои останале во земјата по заминувањето на бугарската војска од Македонија, се верувало дека тие го ширеле лозунгот „Не сакаме на Срем, сакаме на Солун“.

(Благој Зашов е поранешен амбасадор)