Осум граѓански организации бараат Мицкоски да го разреши директорот Китановиќ
Осум граѓански организации бараат од премиерот Христијан Мицкоски итно да го разреши директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците Далибор Китановиќ, откако тој на Фејсбук го глорифицираше осудениот воен злосторник Ратко Младиќ.
По бурните реакции во јавноста, Китановиќ ја избриша објавата „Генерали на небеската војска“ и му се извини на премиерот, а Мицкоски порача дека „не треба да го распнуваме директорот и да бараме кривична одговорност таму каде што ја нема“.
„Јас не сум информиран дека претставува кривично дело, но тоа што тој го кажа и тоа што Владата го има како свој став е различно. Владата имаше свое соопштение“, рече Мицкоски.
Граѓанските организации оценуваат дека објавата на Китановиќ не може да се третира само како приватен став, бидејќи доаѓа од носител на јавна функција, кој раководи со институција задолжена за остварување, унапредување и заштита на правата на помалубројните заедници, вклучително и Бошњаците, Турците, Ромите, Србите, Власите и другите заедници.
„Од директорот на Агенцијата се очекува да придонесува кон меѓуетничката доверба, еднаквоста и заедничкото живеење. Величењето личности и идеологии поврзани со прогон, асимилација, воени злосторства и геноцид е неспоиво со мандатот и одговорноста на функцијата што ја извршува“, се наведува во барањето на граѓанските организации упатено до премиерот.
Организациите укажуваат и на положбата на вработените во Агенцијата, кои им припаѓаат на засегнатите заедници, поставувајќи го прашањето дали тие можат да се чувствуваат безбедно и достоинствено во работна средина предводена од директор што јавно споделува вакви пораки.
Тие од Владата бараат да ја испита политичката, етичката и институционалната одговорност на Китановиќ, да донесе одлука за негово разрешување, да преземе мерки за заштита на вработените и јавно да се огради од величањето осудени воени злосторници и идеологии што поттикнуваат национална и верска омраза.
Воедно, бараат Јавното обвинителство по службена должност да ги испита содржината и контекстот на објавата и да утврди дали постојат елементи на кривично дело во согласност со член 407-а од Кривичниот законик, кој се однесува на „одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства“ и истиот во став 1 вели:
„Тој што по пат на информациски систем јавно ги негира, грубо ги минимизира, ги одобрува и ги оправдува делата од членот 403 до 407, ќе се казни со затвор од една до пет години“.