Остро обвинување на Бербок: Русија ја користи гладта како оружје за војна
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во средата ја обвини Русија дека ја користи гладта и осиромашувањето како оружје за војна, блокирајќи го извозот на жито од Украина.
„Русија користи уште едно страшно и моќно оружје во оваа војна, глад и сиромаштија. Со блокирање на украинските пристаништа, уништување силоси, патишта и железници, Русија започнува војна за жито и предизвикува глобална криза со храна“, рече Бербок на состанокот на министрите за надворешни работи на ОН во Њујорк.
„Ова е во време кога, поради разорните ефекти од климатската криза, пандемијата и конфликтите кои беснеат во нивните региони, милиони луѓе веќе се соочуваат со закана од глад, особено на Блискиот Исток и Африка“, рече германската министерка.
Германија наведува дека Русија го блокирала извозот на 20 милиони тони жито од Украина, пред сѐ во Азија и Северна Африка. Голем дел е блокиран во пристаништето во Одеса.
Украина е еден од најголемите светски производители на житни култури. Украина и Русија заедно произведуваат речиси една третина од светската пченица и јачмен и половина од вкупната количина сончогледово масло, изјави генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Тој ја истакна важноста од извоз на украинско жито на светските пазари, како и храна и ѓубрива произведени од Русија и Белорусија.
Тој предупреди дека војната во Украина може да ги соочи милиони луѓе со недостиг на храна и да предизвика „криза која може да трае со години“.
Според ОН, гладта повторно е во пораст на глобално ниво.
„За само две години, двојно се зголеми бројот на луѓе кои се соочуваат со сериозен недостиг на храна. „Пред пандемијата тој број беше 135 милиони, а денес е 276 милиони“, рече Гутереш.