Оставки поднесоа и српските полицајци на граничните премини „Јариње“ и „Брњак“
Полициски службеници од северот на Косово поднесоа оставки во косовската полиција и на административните премини „Јариње“ и „Брњак“, пренесува српскиот национален сервис – РТС. Оставки, според информациите поднеле и српските полицакци од контролно-надзорниот пункт „Лепосавиќ“, кој се наоѓа во Јариње, на околу 500 метри од административниот премин.
Оставките на полициските службеници се дел од одлуката на претставниците на Србите на Косово да ги напуштат косовските институции, откако Приштина продолжи со спроведување на планот за пререгистрација на возилата со српски таблички.Претходно, повеќе од 300 српски полицајци поднесоа оставки и ги демонстративно ги соблекоа униформите во полициската станица во северниот дел на Косовска Митровица.
Денеска на посебни седници одржани во четири општини на северот на Косово градоначалниците на Лепосавиќ, Северна Митровица, Звечан и Зубин Поток и формално поднесоа оставка од својата функција.
На седниците оставки поднесоа и претседателите на општинските собранија, како и советниците.Со ова претставниците на четирите локални самоуправи на северот на Косово почнаа да ги спроведуваат одлуките и заклучоците што беа донесени на саботната седница на политичките и институционалните претставници на Србите на Косово.