Оставка на министерката и протести- Филхармонија со одлучен став дека две национални установи не можат да функционираат под еден покрив
„Овде не станува збор за суета, туку за реалната ситуација и за можностите за евентуално заемно функционирање“, рече на денешната прес-конференција, Тина Иванова, директорката на Филхармонија
Филхармонијата останува на својот став дека две национални установи не можат да функционираат под еден покрив и најавува јавни протести и оставка од министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ако Владата не ја промени одлуката за привремено сместување на новоформираниот Оркестар за џез музика (ОЏМ) во зградата на Филхармонијата, соопшти на денешниот прес, Тина Иванова, директорката на една од најважните културни институции во земјата.
Филхармонијата го одржа денешниот прес во присуство на оркестарот за да го покаже своето единство, за време на паузата на пробата за утрешниот концерт од 20 часот кога ќе биде изведена маестралната Симфонија бр.5 од австрискиот композитор Густав Малер. Концертот е насловен „Благден“, а диригент е маестро Вања Ѓумар Николовски.
Освен што 108 вработени потпишаа петиција против оваа одлука, од Филхармонија ја обвинуваат министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска дека е директно одговорна за настанатиот хаос и не го испочитувала ветувањето дека на првата следна владина седница ќе се поништи одлуката за привремено сместување на ОЏМ во нивниот дом. Место тоа, Владата вчера само ја потврди својата првична одлука.
Истакнувајќи дека ја поздравуваат одлуката за формирање на Оркестар за џез музика, од Филхармонијата додаваат дека неговото сместување во иста зграда ќе се одрази на успешноста и на едните и на другите.
„Министерката за култура е одговорна за денешниот проблем. Наметнува привремени решенија кои ќе создадат трен проблем во иднина. Ако не ја промени својата одлука, ние ќе бидеме принудени да бараме одговорност и оставка од министерката преку јавни протести“, порача на денешниот прес, Владимир Лазаревски, претседателот на синдикатот на Филхармонијата.
Лазаревски и претседателката на Управниот одбор Зорица Каракутовска на пресот ја демантираа информацијата дека здружението за џез музичари настапувало и творело во зградата на Филхармонија седум години.
– Беше искажана и невистина дека здружението за џез музичари настапувало и творело во зградата на Филхармонија седум години, тоа е невистина самата концертна сала функционира пет и пол години не може тие да се седум години кога уште не беше изградена салата, изјави Лазаревски.
Додаде дека зградата е проектирана и замислена како објект за еден симфониски оркестар.
– Секоја просторија е планирана и измерена со цел ние сите вработените да можеме да ги исполниме нашите редовни обврски. Тоа значи дека во објектот има точен број на соби каде музичарите ги поминуваат работните часови групни и индивидуални, секоја соба е предвидена со специјални акустични мерења за секоја група и инструмент, во објектот имаме и четири гардероби кои се исполнети до последно место, и делот со администрацијата е исполнет и нототеката кубури со простор како и студиото. Реално не е возможно да функционираат два оркестра со годишна програма од Министерството за култура, појасни Лазаревски. (Л. С.)