Оставка на Еди Рама и преодна влада: Демонстрантите во Албанија ги објавија барањата
Организаторите на протестите што речиси четири недели се одржуваат во Тирана поради контроверзниот проект поврзан со Џаред Кушнер, ја објавија листата на барања до владата. Со неа се бара оставка на премиерот Еди Рама, формирање техничка влада, уставни реформи и „нов општествен договор“.
Во соопштение прочитано во име на организаторите, беше нагласено дека главното барање е „безусловна оставка на премиерот и на владата“, придружена со формирање непартиска преодна влада со мандат од 12 месеци.
Тие бараат и уставни измени за да се обезбеди еднаквост на граѓаните пред законот, при што измените би се усвоиле преку народен референдум.
Меѓу предлозите е и ограничување на мандатот на премиерот, со што би му биле дозволени најмногу два мандата во текот на животот. Исто како што со уставните измени направи владата на новиот премиер на Унгарија, Петер Маѓар.
Организаторите повикаа на укинување или поништување на низа законски иницијативи, меѓу кои измените на Законот за заштитени подрачја, Законот за културно наследство, пакетот познат како „Планински пакет“ и правната рамка што ги регулира стратешките инвестиции.
Едно од поважните барања за иднината на Албанија е изготвување на „нов општествен договор“ меѓу граѓаните и државата, кој треба да се изработи по консултации со експерти, интелектуалци и со граѓани предложени од самото движење на протестот.
Организаторите нагласија протестот ќе продолжи мирно сè додека не бидат исполнети.
Според учесниците, протестот претставува пошироко граѓанско движење кое бара политички и институционални промени во земјата.