Осомничениот за убиството на Саздо екстрадиран во Македонија


Осомничениот за убиството на Никола Саздовски е екстрадиран и сега е достапен за органите на прогонот во Македонија. Тој на 29 јуни 2018 година, веднаш по убиството избега од Македонија. Јетон Лужа, кој има 21 година, е  трет осомничен за убиството, а останатите двајца веќе добија судски пресуди.

Од МВР за ТВ21 потврдуваат дека лицето Ј.Љ е екстрадирано. По него беше распишана потерница, а го фатила германската полиција.

-Денеска од Германија во Република Северна Македонија е екстрадиран Ј.Љ. (21) од Скопје, осомничен дека сторил кривично дело „убиство“. На 29.6.2018 околу 17.35 часот во Скопје заедно со Б.Б. и С.Д. го нападнале Н.С., кој починал од нанесените повреди, наведува МВР.

Според Министерството, Секторот за меѓународна полициска соработка презеде соодветни мерки и активности за активна потрага по Љужа. По неговото лоцирање, биле разменети информации со германската полиција, по што е приведен.

-Потоа се преземени и соодветни мерки и активности за негово испорачување во Република Северна Македонија, дополнува МВР.

Изминатите 18 месеци, како резултат на соработката со германската полиција, во Германија се приведени 50 лица по кои трагаат нашите институции, од кои дел се екстардирани, а за дел постапката е во тек.

Саздо, член на навивачката група „Комити“ беше убиен на автобуската постојка во Автокоманда, а другите двајцата беа осудени на по 19 години затвор.