Осомничениот Германец за Медлин Мекен се поврзува и за два други случаи на исчезнување на деца


Рене Хасе исчезна од Алгарве во 1996, а Инга Герике од шумата во Саксонија Анхалт во 2015 година

Таткото на шестгодишното дете кое исчезна во Португалија во 1996 се надева дека конечно ќе дознае што се случило со неговиот син

 

Таткото на шестгодишно германско момче, кое исчезна на одмор во Португалија пред речиси 24 години, вели дека неодамнешните драматични случувања во случајот со Медлин Мекен му дале надеж дека конечно ќе дознае што се случило со неговиот син.

Андреас Хасе рече дека германски иследник го повикал во петокот за да потврди дека тие повторно го отвораат случајот со неговиот исчезнат син Рене, по идентификувањето на главниот осомничен за исчезнувањето на тригодишната Медлин во 2007 година.

Ова е второ необјаснето исчезнување на дете поврзано во последниве денови со случајот на Медлин и новооткриениот осомничен, кој германските медиуми го именуваа како Кристијан Брукнер.

Германските обвинители веруваат дека 43-годишниот осуден педофил можеби исто така бил вмешан во исчезнувањето на Инга Герике, која имала пет години кога ја снемало во шумата во регионот Саксонија-Анхалт во Германија на 2 мај 2015 година.

 

Осомничениот Германец Кристијан Брукнер

Брукнер издржува казна од седум години во северниот германски пристанишен град Кил, за бруталното силување на американска државјанка во одморалиштето Праја да Роча во 2005 година.

„Јас не слушнав ништо од полицијата речиси 20 години“, изјави Хасе за весникот „Келнер Штад-Анцајгер“. „Ми рекоа дека сега ќе го разгледаат внимателно случајот на мојот син“. Полицијата му рекла дека „може да има врска“ помеѓу исчезнувањето на Рене и она на Медлин.

Најновите настани се случија откако полицијата во Велика Британија откри дека примила речиси 400 „парчиња информации“ во првите три дена од покренувањето на нова жалба за докази за исчезнувањето на Медлин.

Сепак, германските обвинители минатиот четврток соопштија дека веруваат оти Медлин е мртва, иако не открија детали за поддршка на тоа тврдење. Британските офицери продолжуваат да го третираат прашањето како случај на исчезнати лица, а нејзините родители „сè уште се надеваат“ дека Медлин е жива.

Во Германија се појавија тврдења дека Брукнер бил обележан од полицијата како клучен осомничен пред седум години, но извештајот бил игнориран од властите. Според германското списание „Шпигел“, полицијата во северо-западниот град Брауншвајг добила дојава за Брукнер во 2013 година и ја испратила до германската Федерална канцеларија за криминалистичка истрага, каде „очигледно не постапувале по неа, што ги констернирало локалните истражители“.

Новите несогласувања, исто така, наводно, се разгореле меѓу британските детективи и португалската полиција, чие првично испитување за исчезнувањето на Медлин беше многу критикувано.

Португалските детективи беа обвинети за идентификација на германскиот педофил како осомничен во 2007 година, но го „отфрлија“. Вчера, португалските офицери инсистираа дека го пренеле неговото име до британските власти во 2012 година, кога го презеле случајот.

Хасе не бил во тоа време со својот син. „Јас бев на одмор со него една недела претходно“, изјави тој за германскиот весник. „Тогаш Рене отиде со својата мајка и нејзиниот нов партнер во Португалија“.

Тројцата отишле во ресторан вечерта на неговото исчезнување, по што посакале да се прошетаат на плажата. Рене отишол понапред, ги соблекол кошулата и панталоните затоа што сакал да влезе во вода. Возрасните го загубија од видот и никогаш повеќе не го видоа.

Хасе рече дека одамна се навикнувал на тоа дека неговиот син, кој сега би имал 30 години, мора да се удавил, дури и ако не се пронајдат докази за тоа, иако  ветрот и тогашните временски услови укажувале дека тоа е малку веројатно. „Тој, всушност, беше многу внимателно дете. Тој едноставно немаше сам да зачекори во Атлантикот“, рече Хасе.

За исчезнувањето на Рене се пишуваше нашироко во Германија во тоа време, но, за разлика од случајот на Медлин, наскоро беше заборавено од пошироката јавност. Последниот контакт на родителите со полицијата беше околу четири години по исчезнувањето на Рене.

Хасе вели дека сега неговите надежи се зголемуваат дека конечно може да се појави вистината за неговиот син. Дури и ако се сомнева дека неговиот син можеби е жив, тој е очаен работите да се разјаснат. „За жал, немаме ниту гроб“, рече тој.

Истражител во Брауншвајг, каде е регистрирано последното живеалиште на Брукнер, зборува за својата фрустрација во обидот да ги собере камчињата во мозаикот за Германецот, кој имал долга кариера како насилник на деца, силувач и ситен криминалец.

Истражителот за весникот „Брауншвајгер Цајтунг“ изјавил дека тој и неговите колеги минувале долги периоди следејќи го низ градот, сметајќи дека е „опасен сексуален престапник“. Меѓу затворските казни, рече истражителот, тој сакал да се осигура дека Брукнер нема да исчезне. (Обзервер)