Осомничен 31-годишник од Битола за дистрибуција на детска порнографија – дел од меѓународна мрежа
Основното јавно обвинителство Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против 31-годишен жител на Битола, осомничен за кривично дело производство и дистрибуција на детска порнографија. Како што соопштуваат од Обвинителството, случајот е дел од меѓународна истрага за онлајн злоупотреба на деца, што произлегол од акција предводена од Австралиската федерална полиција.
Осомничениот, кој во критичниот период бил вработен во образовна установа, од април 2024 година до 1 април 2026 година, на домашни компјутерски уреди набавувал и поседувал материјали со детска порнографија.
Постапката е резултат на предистражни дејствија спроведени во координација меѓу Јавното обвинителство, СВР Битола и Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР. Акцијата произлегла по добиено известување од Австралиската федерална полиција, која спровела меѓународна операција насочена кон откривање веб-страници што служеле за незаконска дистрибуција на ваков тип содржини.
Во рамки на акцијата, австралиските служби идентификувале корисници кои пристапувале до спорните веб-страници преку конкретни ИП адреси, при што биле регистрирани и адреси поврзани со Република Северна Македонија. За добиените сознанија било испратено официјално известување до македонските надлежни органи.
Од обвинителството соопштија дека продолжуваат проверките и во Скопје и во други градови, со цел целосно расчистување на сите идентификувани случаи поврзани со оваа меѓународна истрага.
За осомничениот битолчанец, до Основниот суд во Битола е доставен предлог за определување мерка притвор.