Основани се сомнежите дека Груби избегал во договор меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, вели Каранфилова-Пановска
Премногу е случајно тоа што Артан Груби исчезна два дена откако е поднесена кривичната пријава против него, дека слободно ја поминува границата и има премногу сомнежи дека тоа не е случајно, рече заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, во емисијата „Само интервју“ на Канал 5.
Таа рече дека Груби ја поминал границата со Косово, покажувајќи ги своите патни исправи, а при тоа службеникот којшто е на смена, не го проверил, иако има веќе забрана за премин на границата, а другите службениците, на граничниот премин имаат на себе камери кои во тој момент немаат батерии, односно камерите не работат.
„Се случува дека главен раководител на контролата границата во тој момент е човек, којшто е од доверба на министерот Тошковски, именуван на таа функција минатиот месец, со решение. И дека тој истиот по настанот е на боледување“, рече Каранфилова-Пановска, додавајќи дека има доволно основани сомнежи оти заминувањето на Груби од државата не е случајно и не е само затоа што се направени пропусти.
Каранфилова-Пановска нагласи дека СДСМ сега бара од министерот Панче Тошковски, од Министерството за внатрешни работа е да излезат комплетно со деталите за тоа како се случи Артан Груби да избега од државата.
„Во спротивно апсолутно се основани нашите тврдења дека бегството на Артан Груби е директен политички договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“, додаде таа.