Османи во Вашингтон за стратешкиот дијалог Северна Македонија – САД


Бујар Османи и американската амбасадорка Кејт Брнз на покривот на МНР

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска од Токио патува за Вашингтон, каде ќе ја предводи владината делегација на претстојниот Стратешки дијалог меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави. Северна Македонија е прва држава од Западен Балкан што отпочнува ваков значаен процес со САД.

Во рамки на посетата на Вашингтон, Османи, како што е најавено, ќе оствари и повеќе билатерални средби со високи државни преставници на САД, како и истакнати личности од граѓанскиот сектор и тинк – тенк органзиации. 

Стратегискиот дијалог е нова рамка на билатералната соработка што треба да ги зајакне уште повеќе односите на двете држави. Ваквата вест, што ја објави министерот за надворешни работи Бујар Османи за време на посетата на помошникот државен секретар за Европа, Карен Донфрид, внесе малку забуна, бидејќи  Македонија и досега имаше потпишано документ кој и обезбедува некакви стратегиски релации со САД.

 Која е вистинската причина за ваквиот дијалог, што значи тој практично за државата и каде ќе не одведе? И, дали ваквото потесно врзување со САД може да нѐ оддалечи од земјите членки на ЕУ (пред се Франција) која не става равенство меѓу проамериканското и проевропското? И покрај штурите информации, од она што може да се најде за ваквата форма на соработка со САД станува јасно дека договорот што ги имаме ние од 2008 година, по самитот во Букурешт кој ги закопа нашите шанси за членство за подолг рок, има поспецифична и поспецијална тежина од овој стратегиски дијалог. Тој договор обезбедува повеќе од дијалог, односно обезбедува „стратегиско партнерство“ со  кое, како најважно, се изразува јасната поддршка на САД за Македонија како независна, суверена држава и идна членка на НАТО, а со јасна цел – да се одвратат тие што мислеа дека „корпата“ од Букурешт е покана за наша дестабилизација.

Стратегискиот дијалог што се најавува сега со Македонија, е нешто што САД веќе го имаат со повеќе држави во светот и е рамка преку која се обезбедуваат регуларни консултации на високо ниво во разни сфери. Вакви стратегиски дијалози САД одржуваат со Јапонија, со Филипини, со Катар, со Бахреин, со Хондурас, со Австрија, со Полска , со Египет, со Тајланд, со Индија, а од нашиот регион – со Хрватска и со Словенија, при што со секоја од нив се отвораат различни прашања. Како пример,  едно од прашањата за дијалог со Катар беше транзитирањето на американските државјани и Авганистанците соработници на САД преку оваа држава, покрај вообичаените теми како економска соработка, клима, енергетска сигурност, контратероризам и слично.

Дел од стратегискиот дијалог со Полска, пак, е агресијата на Украина и поддршката на САД да се зајакне источното крило на НАТО кое е прво на удар на оваа закана. Куриозитет притоа е дека САД имаат некоја форма на стратегиски дијалог и со Кина, имаат и трилатерален стратегиски дијалог со Јапонија и Австралија, а со некои земји, како Филипини, досега одржале и десетина дијалози, т.е. средби на високо ниво.

Што ќе биде основа на дијалогот со Македонија ќе се утврди практично на првата средба во Вашингтон, а вообичаено од таквите средби, кои се оддржуваат потоа на редовна основа и главно на годишно ниво, произлегува обемен документ и разни договори. 

Сѐ на сѐ, дијалогот опфаќа економски, политички, воени, безбедносни, па и климатски прашања, а фактот дека се води со повеќе земји членки на ЕУ покажува дека не е нешто што може да ја оддалечи Македонија од евроинтеграцијата. Со оглед на тоа дека Македонија сега е и земја членка на НАТО, па не и треба дополнителна безбедносна гаранција од САД, најавата за дијалог упатува на тоа дека пораката можеби овојпат е упатена кон Бугарија, која оди против американските интереси во Македонија и е изложена на притисоци од САД да ја крене блокадата.