Османи: Само Радев има мандат да го повлече ветото
Можноста да се добие почеток на преговори за членство на 24 и 25 јуни на Самитот на лидери на ЕУ е теоретска, имајќи предвид дека во моментот во Бугарија има комплексни политички услови и контекст, и единствено претседателот на државата има целосен политички мандат и можност да се повлече ветото, односно да се донесе одлука на самиот Самит на лидери, изјави денеска на прес-конференција шефот на дипломатијата Бујар Османи.
– Тоа не е прашање дали сум јас оптимист или не, туку е прашање на констатација на Европската комисија, на сите 26 земји членки. Еве денеска пред вас и министерката за надворешни работи на Шведска рече дека Северна Македонија треба да ги почне преговорите. Оттука, ова е прашање на ЕУ што понатаму со процесот, но имајќи предвид дека тоа е во стратешки интерес и на Бугарија дека сепак ќе се рефлектира и ќе се даде тоа зелено светло на 24 и на 25 јуни, посочи Османи.
Османи истакна и дека се гласни ставовите на останатите 26 членки, дека е неоправдано оти Бугарија не е подготвена да даде зелено светло за преговарачката рамка и за одржување на меѓувладина конференција во јуни, и сметаат дека Северна Македонија одамна ги има исполнето условите и дека навистина е крајно време да ЕУ ја даде пораката кон регионот, но посебно кон земјава чие досие е тест за кредибилитетот на овој процес.
Осврнувајќи се на посетатата на Бугарија, Османи рече дека е воспоставен отворен дијалог меѓу двете страни по однос на сите разлики и оти го споделиле ставот дека португалскиот предлог е најдоброто решение што ги адресира и барањата на Бугарија и очекувањата на Северна Македонија, но исто така и очекувањата на земјите членки на ЕУ.
Шефот на дипломатијата рече дека размениле идеи како да се дојде до крајно решение, како да се надминат одредени разлики што постојат во однос на содржината на патоказот, како и разлики по однос на позицијата на патоказот во самиот процес на преговори.
– Прашувате зошто не зборуваме јавно за тие идеи. Затоа што тие се се уште предмет на идеи што се разменети од двете страни и се додека нема сигнали од која било страна дека која било од разменетите идеи може да биде основа за надминување на разликите, сепак остануваат само предлози, само идеи, што мислам дека не треба да бидат предмет на јавна дебата, туку се уште на ниво на дипломатска комуникација, бидејќи таквите процеси бараат таков пристап. Но, бидете сигурни дека доколку има најмала индикација дека која било идеја може да прерасне во основ за надминување на разликите, прво ќе биде информирана јавноста пред ние да заземеме каков било став, дециден е Османи.
Според него, важна е атмосферата, довербата и комуникацијата, тоа што беше изгубено во првото тримесечје или пак во претходната година пред изборите во Бугарија.
Османи посочи и оти е важно да се донесе одлука во јуни, во спротивно, повторно ќе треба да се седне на маса и да се разменуваат предлози и идеи.
– Се плашам дека во контекстот пред кој се наоѓаме, а тоа се внатрешните изборни динамики во двете земји, динамиките во неколку земји членки важни на ЕУ што исто така влегуваат во изборен процес, дека и покрај можеби хипотетички нашата добра волја на двете страни ќе нема добра подлога во ЕУ за да се направи исчекор, истакна Османи.
Шефот на дипломатијата, во однос на прашањето за јазикот, рече дека тоа прашање го третира португалскиот предлог.
– Таму има предлог и за разликите што постојат по однос на јазикот во текстот на преговарачката рамка и ние сметаме дека тој предлог е добра основа за решение, повлече министерот.