Османи-Петжичек: Поддршка за почеток на преговорите со ЕУ без одложување
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во рамки на работната посета на Република Чешка, оствари средба со својот домаќин, шефот на чешката дипломатија Томаш Петжичек, на која една од главните теми на разговор беа европските интеграции на Република Северна Македонија, особено во насока на поддршка за почеток на преговорите со Унијата без одлагање.
-Со поддршка од нашите пријатели ќе продолжиме со реализацијата на реформскиот процес, пред сѐ во делот на владеењето на правото, реформата на правосудството, борбата против корупцијата и реформата на јавната администрација. Се разбира дека остануваме фокусирани и на процесот на градење на добрососедски односи и зголемена меѓусебна доверба со сите наши пријатели од Регионот. Добив уверување од мојот колега дека Чешка и понатаму ќе продолжи да биде еден од најголемите и најгласни поддржувачи на полноправното членство на Северна Македонија во ЕУ, истакна Османи.
Шефот на дипломатијата Османи ја пренесе благодарноста на Владата за континуираната и принципиелна поддршка од страна на Чешка за европските интеграции на земјата.
На средбата на двајцата министри беа афирмирани одличните пријателски односи на двете земји, за кои беше констатирано дека се одликуваат со интензивен и динамичен политички дијалог и редовна размена на посети на високо ниво.
-Одличните билатерални односи не се доволно изразени и во рамките на економската соработка, каде трговската размена не надминува 200 милиони евра. Пред бизнис заедниците на нашите две земји стои огромен потенцијал кој мора да биде препознаен и искористен, со цел да го олесниме влезот на чешките директни инвестиции на македонскиот пазар, како и да овозможиме позначајни резултати во делот на трговската размена, истакна Османи.
Министерот презеде обврска, како што посочи, за интензивирање на активностите кои произлегуваат од делот на економската дипломатија, со цел поефикасно искористување на потенцијалот за економска соработка и размена меѓу двете земји.
Петжичек од своја страна посочи дека Чешка отсекогаш ја поддржувала европската интеграција на змејава и ќе продолжи во тоа и во иднина. Тој изрази жалење што не беше донесена одлука за одржување на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ.
Министрите Османи и Петжичек се осврнаа и на соработката во рамките на Северноатлантската алијанса, каде двете земји веќе и формално се сојузници, соработката во рамките на ОБСЕ и чешката поддршка за нашето претседавање со таа Организација во 2023 година. Разменети беа мислења и за други прашања од интерес за Регионот и на меѓународната сцена.
Во рамките на посетата на Чешка, Османи ќе се сретне и со Милена Хрдинкова, државен секретар за ЕУ прашања во Канцеларијата на премиерот, Андреј Бабиш.