Османи: Не учиме ниту од сопствените грешки

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, изјави дека граѓаните не се вознемирени од одлуката на ЕУ за Украина и Молдавија, туку од политичарите кои ризикуваат повторно исти грешки.
Зборувајќи во утринското интервју за „Слободен печат“, Османи рече: „Паметните учат од туѓите грешки, непаметните од своите. Ние се доведуваме во ситуација да не учиме ни од своите грешки. Дозволуваме повторно едни темни сили – националистички, да ни ја киднапираат иднината заради лични агенди. Јас сум сигурен дека подоцна ние ќе најдеме решение бидејќи времињата не се од Букурешт 2008 година, но теоретски ризикот е да изгубиме уште една декада“.
Според него, „граѓаните на Македонија не се вознемирени од позитивната одлука на Унијата за Украина, туку од политичарите коишто со неусвојувањето на потребните уставни измени ризикуваат повторување на грешката на Букурешт 2008”.
Тој вели дека тоа би значело повторно долгорочно заглавување на државата на евроинтегративниот пат, т.е., околу најважните прашања за граѓаните: за стандардот, за нивната одлука дали ќе останат овде или ќе заминат надвор, за работните места, за нивните плати, за здравството, за образованието.