Османи ја претстави програмата пред младите: хигиена, паркинзи, урбанизам и антикорупциска одбрана

На средба со младите од Чаир, кандидатот за градоначалник Бујар Османи ја претстави својата визија и конкретните проекти што ги најавува како дел од идната општинска трансформација. Далеку од декларативни заложби, неговиот говор беше исполнет со прецизни механизми, рокови и системски решенија кои ја позиционираат неговата кампања како единствена понуда што нуди и визија и оперативна способност.
Чист Чаир: Вонредна состојба и ново претпријатие за хигиена
Османи најпрво се осврна на темата што, според него, најмногу ги симболизира годините на занемарување и хаос во Чаир, јавната хигиена. Тој најави формирање на целосно ново претпријатие за хигиена со 120 вработени и сопствена механизација, кое ќе биде под општинска надлежност.
Но, додека тоа се конституира, веќе од првиот ден планира да прогласи вонредна состојба за итно генерално чистење на територијата на Чаир. Во овој интервенциски период ќе бидат вклучени надворешни ресурси, механизација и луѓе од општината, со цел да се справат со депониите, ѓубриштата и запоставените улици.
„Кога ќе го завршиме ова, а новото претпријатие ќе заживее, тогаш Чаир конечно ќе почне да личи на уредена општина,“ порача Османи, истакнувајќи дека хаосот нема да се толерира ниту еден ден повеќе.
Друг приоритет за Османи е паркирањето – хроничен проблем во Чаир кој, според Османи, е последица на целосно отсуство на урбанистичко планирање. За итно решавање, тој планира мобилизирање на приватен простор во Серава, Гази Баба и други критични зони, каде нема буквално „каде да се фрли игла“.
„Разговарам со луѓе кои се подготвени да ги отстапат своите дворови и куќи за паркинг-простор, во кој општината ќе инвестира. Тие потоа ќе ги менаџираат, но под јасно утврдени, фер и транспарентни услови“, објасни Османи.
Во визијата за Чаир 2040, тој најавува изградба на дури 2.500 нови паркинг места, со што, како што рече, ќе се стави крај на секојдневната борба за место.
Најамбициозниот и стратешки најзначаен сегмент од говорот беше посветен на урбанизмот. Османи посочи дека токму недозволените градби и урбанистичката анархија се сржта на сите други проблеми: од хигиена, безбедност, до квалитетот на животот.
„Ни еден камен нема да се помести без план. Нема повеќе диваградби, ни педа земја нема да биде узурпирана,“ изјави тој, најавувајќи целосен прекин на досегашната пракса на политичка трговија.
Во таа насока, Османи го претстави новиот урбанистички мастер-план, изработен заедно со светски признатиот архитект Мишел Ројкинд, со кој се предвидува планска трансформација на запуштените делови од Чаир во модерни станбени и комунални целини.
„Куќите на луѓето нема да останат заглавени во сиромаштија и неизвесност. Ќе ги претвориме во модерни населби, а вредноста на нивните имоти ќе се зголеми трикратно. Тоа е вистински развој,“ истакна тој.
Војна против корупцијата: „Граѓанско око“ како нов стражар на општината
Османи го најави и најважниот столб на неговото водење борбата против урбаната мафија и клиентелизмот.
„Ова не е само ветување. Ова е механизам,“ нагласи Османи, презентирајќи го системот „Граѓанско око“, модел на целосна транспарентност на општината, во кој граѓаните и независните организации ќе имаат увид и надзор над јавните набавки, одлуките за урбанизам и сите дозволи.
„Јас никогаш не сум посегнал по туѓ денар, ниту во Владата, ниту како министер. И затоа имам образ ова да го ветам и да го исполнам,“ рече Османи, очекувајќи дека токму чесноста и проверената отчетност ќе ја вратат довербата во локалната власт.
Во завршницата, Османи апелираше до присутните, пред сè младите, да ја размислат одлуката пред почетокот на кампањата.
„Не е ова прашање само кој ќе биде градоначалник, туку дали ќе продолжиме со истите луѓе кои 20 години ја уништуваа општината, или конечно ќе направиме пресврт. Одговорот мислам дека сите го знаете,“ порача тој.