Османи: Имаме комуникација со службената влада на Бугарија


 
Јуни е оптимална шанса за изнаоѓање решение со Бугарија и кревање на ветото и покрај тоа што во Софија има службена влада, оцени денес министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој ги отфрли сугестиите дека актуелната влада во Софија нема ингеренции да решава вакви прашања порачувајќи – да, службена е, но таа не е Државна изборна комисија туку влада. Тој наедно извести дека со неа веќе е воспоставена интензивна комуникација.
 
-Пристапивме со барање да се сретнеме, да го одржиме состанокот на меѓувладината комисија, да го адаптираме акцискиот план, меѓутоа, се разбира и работиме и со нашите пријатели и поддржувачи за да се одблокира процесот, рече Османи.
 
Тој дополни дека земјава се обидува на сите начини да ја врати довербата со Бугарија и е на ставот дека единствен начин односите помеѓу двете држави да се вратат во нормала, е да се навратиме на самиот Договор за пријателство.
 
– На Договорот ќе се вратиме ако ја одржиме првата меѓувладина конференција, со тоа што ќе направиме пресек на имплементираното до сега од Договорот и ќе направиме акциски план, за тоа што треба да имплементираме во наредниот период. Тоа се обидуваме да го работиме како Министерство во наредните шест месеци, сподели Османи.
 
Тој напомена дека за тоа било потребно да се усвои Годишниот извештај на Комисијата за историски прашања, што, како што рече, вчера „речиси бил усвоен“, така што смета дека едниот од предусловите за одржување на меѓувладината конференција е исполнет и иако треба да се направат минимални технички корекции во тој извештај, како и да се усогласи акцискиот план.

 

Според Османи, има сериозен проактивен ангажман на португалското претседателство со ЕУ и сериозни обиди да се премостат разликите меѓу Скопје и Софија и во тој контекст е и утрешната посета на португалскиот министер за надворешни работи, Аугусто Сантош Силва кој заедно со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји. Сантош и Вархеји ќе дојдат во Скопје по престојот и разговорите во Софија.

„Го чекаме утре португалскиот министер и се надеваме дека ќе дојде со предлог идеи како да се надмине оваа блокада и да се врати довербата меѓу двете страни“, изјави денеска Османи.

Вархеји и Сантош со себе носат предлог за деблокирање на ветото на Бугарија за Македонија поради кое не може да се одобри формално одржувањето на првата Меѓувладина конференција.