Османи: Груби згреши што избега
Потпретседателот на ДУИ и поранешен министер во неколку влади, Бујар Османи, нема информација каде се наоѓа Артан Груби, по кого е распишана меѓународна потерница како осомничен во случајот „Државна лотарија“. Османи во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 рече дека тој не знае ниту дали Груби има државјанство на Албанија, но порача дека „постапките на поединци не ја дефинираат целата партија“.
„Партијата ја дефинираат принципите, ја дефинираат политиките, колективните одлуки коишто таа ги носи во тој дел. Мислам дека не може да се најде нешто спорно во однос на политиките на ДУИ, посебно во однос на антикорупциската политика“, оцени Османи во интервјуто.
На забелешката дека Артан Груби не беше кој било поединец туку есна рака на лидерот Али Ахмети, дека палеше и гасеше на политичката сцена во изминатите неколку години од името на ДУИ, беше прв вицепремиер и можеби една од најмоќните, ако не и најмоќна политичка фигура во еден период, Османи рече дека секој што го прекршил законот треба да одговара, а згрешил што избегал од државата.
„Секој за којшто ќе се докаже во правна постапка дека го прекршил законот, треба да сноси одговорност. Немаме дилема во однос на тоа, секој. Меѓутоа многу е важно тоа да биде во еден непристрасен, политички неинструментализиран процес. Така што, еве, ако ме прашувате зошто бегал, јас мислам дека згрешил што бегал. Требало да остане, да се соочи и да си ја каже својата вистина. Партијата не може да сноси одговорност за 34 илјади членови и нивните постапки“, порача Османи.
Во однос на ставањето на Груби на „црната листа“ на американскиот Стејт департмент, Османи рече дека одредени политички партии ја злоупотребиле довербата на амбасадата на САД и ги искористиле информациите уште пред официјално да бидат објавени. Тој негира дека ставањето на Груби на „црната листа“ било забрзано поради инцидентите што се случија за време на прославата на Денот на албанското знаме.
„Два аргументи зошто не е така. Прво, објавувањето беше на Меѓународниот ден за борба против корупцијата. Тој ден не може да се поврзе со кој било друг настан овде, но и амбасадорката лично кажа дека има шпекулации дека времето е избрано за да се даде порака за некои политички дејствувања овде, но дека тоа не е точно…Моето разбирање е дека не може Меѓународниот ден за борба против корупција, во којшто над тринаесет луѓе од цел свет беа дезигнирани, да се поврзе со некои политички дејствувања овде. Но, ви реков, не потценувам дека Артан Груби не бил важен член на ДУИ со свое влијание и со свој придонес и за партијата и за државата. Но, конкретните дејствија за коишто се обвинува, ќе треба сам да ги докаже во правна процедура. И затоа нашиот апел е – згрешил што побегнал, бидејќи вака еве им дава простор на луѓето, иако го слушнав професорот Калајџиев којшто вели – да бил тој, би избегал поради тоа што овој политички притисок сигурно ќе влијае“, рече Османи.
На прашање дали Груби ќе се врати во земјава, Османи вели – се надевам.
„Не можам да кажам, колку што видов, адвокатите бараат мерки за безбедност наместо притвор. Јас се надевам дека ќе се врати бидејќи тоа повеќе ја отежнува неговата состојба. Меѓутоа, сметам дека Владата претерува во злоупотребата на овој случај. Дури се оди до злоупотреба на настанот кога полицијата влегува дома, како реагирале малолетните деца. Не смееме да дозволиме една одмазда, која е веќе лична. Сериозни држави тоа не го прават. Има правен процес, има потерница, оставете луѓето да ја завршат работата“,рече Османи.
Прашан зошто по сигналите и информациите што подолг период доаѓаа до раководството на партијата со сугестии да се оградат од Артан Груби, лидерот Али Ахмети остана глув, Османи одговори дека тоа прашање е за Ахмети – како одлучува и ги бира своите соработници.
„Повторно ќе кажам дека тоа што кој било министер, директор, носител на јавна функција прави во институциите што ги раководи, апсолутно не може да се поврзе со некаква блискост со г. Ахмети. Вие знаете дека тој никогаш немал егзекутивна позиција, иако имал можност да бира каде. Никогаш не прифатил, затоа што тој е политичар што ги води стратешките правци на политиката“,рече тој.