Османи ги толкува брзините на Макрон, не зборувал за непривилегирано членство во ЕУ

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, го толкуваше денес обраќањето на францускиот претседател Емануел Макрон за „Европа со две брзини“, кое според него само на прво читање звучи како демант на изјавата на претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел. Според Османи, Макрон зборувал за брзини во смисла дека нема да влезат сите земји кандидати наеднаш туку, која кога е подготвена и дека не заборувал за Европа во слоеви, во смисла привилегирани и помалку привилегирани. Шефот на дипломатијата е дециден дека нема да прифатиме ништо помалку од полноправно членство во ЕУ и дека го промовираме концептот – повеќе интеграција пред членство.
-Тоа што се случи во Блед ќе биде дел од историјата. Тоа што беше Солунскиот самит во 2003 година, мислам дека отприлика таква тежина ќе има Бледскиот стратешки форум, каде што претседателот на Советот, Шарл Мишел во свој потполно официјален капацитет, не во приватен, во име на ЕУ, рече дека Унијата ќе биде спремна до 2030 година да прима нови членки – рече Османи.
Тој додаде дека токму тоа е пораката што ние ја бараме и смета дека тоа е заслуга на нашето лобирање, бидејќи тоа сега дава рамка и идеја за што и за кога работиме. Според Османи, тоа не значи дека во 2030 година ние ќе влеземе во ЕУ ако не сме спремни, но дека е важно што Европа ќе ги отвори вратите до 2030 година.
-Изјавата на Макрон на прво читање звучи како да е демантирање на претходното, но во Блед беа неговиот министер за Европа, Лоренс Бон и неговиот советник Александар Адам, креатор на францускиот предлог, и тие кажаа дека Макрон зборувал за брзини во смисла дека нема да влезат сите наеднаш, туку во брзини кој, кога е подготвен, а не Европа во слоеви, во смисла привилегирани и помалку привилегирани. Ние нема да прифатиме ништо помалку од полноправно членство во ЕУ, со тоа што ние го промовираме концептот – повеќе интеграција пред членство, што значи кога веќе 2030 ни е фиксна дајте да станеме дел од Европа пред 2030 година, односно како исполнуваме поглавје, ние стануваме дел од таа политика на Унијата, влегуваме во единствениот пазар, имаме пристап до фондовите, и пред самото членство ние веќе ќе бидеме во Унијата. Единствено што нема да имаме е правото на глас, кое пак, ќе го добиеме со зачленувањето. Мислам дека од вчера имаме кредибилна перспектива и сега топката е на наша страна, да работиме. Пријатели имаме, поддршка имаме, само треба да се сплотиме и да направиме надпартиски државен договор, да седнеме сите партии и да кажеме 2030 во ЕУ е наша цел и да ги оставаме ове теми надвор од дневнополитичката битка – вели Османи.
На прашањето дека сепак Европската комисија ја дематирала пораката на Мишел за 2030 година, шефот на дипломатијата вели дека станува збор за две различни институции. Тој објасни дека Европскиот совет се земјите членки – тие што носат политички одлуки, додека Комисијата проверува дали објективно ги исполнуваме критериумите. Комисијата вели – политичките одлуки вие ги носите – земјите членки, за мене е важно кој ги исполнува критериумите, бидејќи јас давам извештај.
-ЕК не ја демантира изјавата на Мишел, само вели – вие одлучете како сакате за тајмингот, за нас е битно дали ги исполнувате критериумите. Проблемот на сегашниот модел на интегрирање е што е се или ништо, значи ништо додека станете членка и се откако ќе станете, а тоа создава фрустрации. Затоа концептот интеграција пред членство е да имаме опипливи придобивки за граѓаните пред членството. Вчера го споделив концептот и тој нон пејпер, кој го имаме подготвено, со повеќе министри и тие реагираат позитивно. Не сакам празен од до 2030 година. Веќе го земаат нашиот документ и тој станува основа за рзаговори во Брисел – открива Османи.
Тој рече дека и самиот прашал зошто има деве навидум контрадикторни изјави меѓу двајца важни лидери на ЕУ и одговорот бил дека францускиот претседател не мислел на слоеви туки на брзини, дека ако Македонија е спремна може и пред 2030 да стане членка на ЕУ.
-Јас ѝ верувам на француската министерка, ако не демантира, тоа е друго прашање – рече Османи.
На прашањето дали во септември ќе продолжи седницата за уставните измени, Османи рече дека е фокусиран на големата слика, односно да ги демантира сите шпекулации за процесот. И на Бледскиот форум реков дека Преговарачката рамка се заснова на два принципи – големо „не“ за историски и идентитетски прашања во Преговарачката рамка и едно големо „да“ за човекови права, уставни измени во кои што ќе влезат Бугарите.
-За жал, еве, ако ги прашаме граѓаните голем дел не се убедени и мојата мисија е да ги убедам дека ова најдобриот договор, да направиме скок од историски и идентитетски во човекови права – рече Османи.