Оро, музика и среќни лица – Синедејс го почна филмското патешествие низ Скопје
Со проекција на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд”, во режија на Андреас Јонсен, во продукција на МКЦ, Rosforth и Rumraket, како и со концерт на „Ефтеркланг: Македониум бенд”, синоќа беше отворено 23. издание на фестивалот СИНЕДЕЈС.
Паркот пред МКЦ беше преполн, премиерата распродадена за фестивалот на европски филм кој секоја година се чека со нетрпение.
„Беше просто неверојатно искуство, да твориш со тотални странци, а на крајот да се чувствуваш како да сте најблиски пријатели. Мислам дека секој треба да направи такво нешто бар еднаш во животот“, рече на концертот пејачот Каспер Клаусен.
А режисерот, данскиот документарист Јонсен додаде: „Ние сите сега сме семејство Македониум“.
Синедејс денеска продолжува со проекции во паркот МКЦ, каде ќе играат „Добрите момци одат во рајот“ на романскиот автор Раду Поткоава (од 20.55ч) и „Палас“на Роман Полански (22.30). Во киното Фросина играат „Највредниот товар“ на Мишел Хазанавициус (19.30) и „Екскурзија“ (22.30), дебито на босанската режисерка Уна Гуњак. Во летното кино на Кинотеката од 21.30 е „Семето на светата смоква“ на иранскиот режисер Мохамад Расулоф. Филмот доби специјална награда годинава во Кан, каде Расулоф дојде откако пребега од Иран во Европа по пресудата за казна од осум години затвор за снимање филмови и за потпишување изјави.
Годинашниот фестивал CINEDAYS ќе трае до 17 јули.
Под годинешниот слоган „Како е? Викај ура“, летните скопски филмски вечери ќе ги пресретнуваме во паркот зад Младинскиот културен центар, киното Фросина и летното кино на отворено во Кинотека.
И годинава, натпреварувачката програма на CINEDAYS е селекција на Бернд Будер. Во фестивалската програма ќе видиме светски и македонски филмови и копродукции што „гравитираат“ во Официјална селекција, Гала програма, SEE програма, МК Shorts (кратки филмови), Ретроспектива на филмови посветена на легендарниот југословенски режисер Вељко Булајиќ како и кратки филмови од култниот европски автор Вим Вендерс.
Во ГАЛА програмата, CINEDAYS директно од Кан кој се одржа кон крајот на мај 2024, ги носи наградените остварувања на Кроненберг, Вуди Ален, неверојатното остварување на Корали Фержо со Деми Мур во главна улога, последниот филм на иранскиот легендарен режисер Расулоф, потоа Оноре, Жанг Жи, Хазанавициус, Полански. CINEDAYS е единствениот фестивал во Европа кој ја има таа привилегија да ги прикаже овие наслови директно по нивната премиера во Кан.
Поради големиот интерес, во придружната програма, повторно и оваа година ќе се реализира меѓународниот проект LIVING MUSIC под водство на професорката Дарија Андовска во која студенти или тукушто дипломирани режисери и композитори од Европа работат заедно во резиденцијален проект за време на фестивалот и создаваат филмска музика која потем ќе ја изведат во живо.
Билетите за фестивалот CINEDAYS ќе бидат по цена од 250 денари на билетарниците на МКЦ и Кинотека како и на линкот за олајн продажба на билети на МКЦ, bileti.mkc.mk.