„Орешник“ била креирана од стари делови на ракетата „Јарс“, тврдат украинските експерти


Собрани делови од ракетета „Орешник“ што падна во Днепар

 

Ракетата „Орешник“, лансирана од руската војска врз украинскиот град Днепар на 21 ноември, не е најновото оружје како што се обиде да го претстави рускиот претседател Владимир Путин. Испитувањето на остатоците покажа дека некои делови се произведени пред повеќе од седум години. Според извори на украинскиот портал „Дифенс експрес“, „Орешник“ можел да биде склопен во 2017-2018 година врз основа на интерконтиненталната балистичка ракета Јарс и оттогаш се наоѓа во складиште.

На една од компонентите на „Орешник“ се пронајдени сериски број и датум на производство од 12 април 2017 година. Оваа година Русија требаше да започне со распоредување на стратешкиот ракетен систем „Рубеж“, што беше понатамошен развој на проектот „Јарс“. Но, во март 2018 година, Министерството за одбрана се откажа од плановите за воведување на „Рубеж“ во својот арсенал и го исклучи од државната програма за вооружување до 2027 година, фокусирајќи се на хиперсоничниот ракетен систем „Авангард“.

Експертите сметаат дека развојот на „Орешник“ започна пред повеќе од 7 години, барем во 2010-тите, бидејќи 2017 година е година на производство на конкретен дел што требаше да се искористи за готовиот проект. Од „Дифенс експрес“ напоменуваат и дека пронајдениот дел има индекс „ЕФИТ 302811.002“. Аналитичарите ја поврзуваат оваа ознака со „Академик Пилјугин“ научен и производствен центар за автоматизација и производство на инструменти, кој е дел од Роскосмос и обезбедува контролни системи за ракетите „Зенит“, „Протон-М“.

Пентагон заклучи дека „Орешник“ е модифицирана верзија на „ Рубеж“, кој беше тестиран уште во 2011 година. Министерството за одбрана на Британија, исто така, смета дека „Орешник“ е варијанта на „Јарс“, истакнувајќи дека Русија има ограничени залихи на такви проектили. Техничките карактеристики на „Орешник“ остануваат непознати.

Според извори на „Москва тајмс“, употребата на наводно новата ракета „Орешник“ била специјална пропагандна операција за заплашување на западните политичари и граѓани, осмислена откако САД и нивните сојузници во НАТО им дозволија на украинските вооружени сили да истрелаат АТАКМС и Storm Shadow проектили во Русија. Во оваа операција учествуваа ПР луѓе од Кремљ. Прво беше извршен самиот удар, чии видео снимки беа дистрибуирани на социјалните мрежи и странските медиуми.