Орце Ѓеорѓиевски направи увид на клучката кај Момин Поток како да е веќе градоначалник на Скопје


 

Недела е, но градоначалникот на Кисела вода и кандидатот за прв човек на Скопје на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓеорѓиевски, вели дека бил на терен со неговиот тим. И правел увид на одредени локации како да е веќе градоначалник на Скопје. Во објава на Фејсбук тој вели дека бил на клучката во Момин Поток, која сѐ уште се гради. И пишува дека во неговиот мандат ќе била довршена.

Додава дека ќе бил направен кружен тек на улица „Бутелска“, нов парк кај булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ во Бутел; а ќе изградел летни сцени на скопското Кале и Аквадуктот.

„Решенија кои ќе ја олеснат секојдневната циркулација, ќе го направат градот пофункционален, поврзан и жив. Ќе изградиме нови парковски содржини и зеленило, за чист и убав град.

Културата на едно високо ниво, токму онака како што доликува на една европска метропола. Скопје добива нов лик, наскоро“, шишува Ѓеорѓиевски.