„Орце Ѓорѓиевски го гази Деловникот и ја замолчува опозицијата, наместо дебата – монолог во Советот“, вели Цаневска-Арсовска
Советничката група на СДСМ во Град Скопје обвини дека градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и владејачкото мнозинство го кршат Деловникот и ја задушуваат дебатата во Советот, претворајќи ги седниците во еднонасочни монолози без можност опозицијата да реплицира и да поставува дополнителни прашања.
На прес-конференција, координаторката на советничката група на СДСМ, Катерина Цаневска Арсовска, оцени дека станува збор за „нов изум“ со кој се уништува демократијата и се замолчува опозицијата.
„Порано поставувавме прашања, а сега градоначалникот држи монолог, одговара на прашања, а ние немаме право и можност да реплицираме и да укажеме за што всушност станува збор. И новинарите што се овде се зачудени од овој нов изум на мнозинството во Град Скопје“, изјави Цаневска Арсовска.
Таа посочи дека Ѓорѓиевски не одговорил на повеќе прашања поставени од опозицијата, меѓу кои и за изборот на Марјан Цветковски за директор на Фондацијата „Скопје – Град на културата“, состојбите во ЈП „Лајка“, наводите за непотизам во Пожарникарската бригада, како и за дивиот пешачки премин во Чаир.
Според неа, градоначалникот не дал конкретен одговор ниту на понудата од СДСМ да му биде доставена целосната документација за Град Скопје да може да аплицира за набавка на автобуси.
„Најверојатно не сака да одговори, бидејќи тука нема да може да има простор за трошење и злоупотреба на пари“, рече таа.
Цаневска Арсовска обвини и за ново прекршување на Деловникот, наведувајќи дека материјалите за значајни точки, како што е ребалансот на Буџетот, биле доставени со задоцнување, наместо во законскиот рок од седум дена.
„Орце Георгиевски милува да каже дека тој е избран и дека тој одговара за работата на Советот. Да го потсетиме дека и ние сме избрани од граѓаните и одговараме пред граѓаните. Одговорноста не е само негова, туку и наша“, порача координаторката на советничката група на СДСМ.
Таа нагласи дека опозициските советници ќе продолжат да се борат за интересите на граѓаните и покрај, како што рече, обидите да бидат замолчени во Советот на Град Скопје.
За Евгенија Станковска од Левица ова претставува, како што рече, бесрамно кршење на Деловникот што според неа се случува од две причини, од кои едната е да се менаџира малку агресивниот начин на одговори на градоначалникот.
– Очигледно неговите најголеми ПР-„утки“ на овие седници се случуваат кога ќе се изнервира градоначалникот кога ќе се постави некое малку деликатно советничко прашање и после гледаме дека му паѓа рејтингот затоа што си го покажува вистинското лице пред јавноста, па вака сакаат да му дадат малку време да се смири, да се консултуира со тимот што да одговори и тука да излезе да продолжи да промовира работи што не се завршени. Втора причина е што сите тука само сакате да завршиме побрзо и да си одите дома и стварно не знам како не ви е срам, земате 44 илјади денари, имаме седница еднаш месечно и не може да издржите да седите тука повеќе од три саати и да си го заработите паушалот. Срамно е ова, ние сме против ова и не ми се верува дека ова воопшто се случува во Совет – рече Станковска.
Катерина Јовановска од Левица исто така посочи дека ваквиот начин не бил прифатен вчера на координација од сите координатори туку бил даден само предлог.