Орбан веќе ја постави сцената за нови битки со ЕУ

Големината на победата на Орбан ја изненади и неговата партија, ја шокираше опозицијата и ја стави пред уште поголеми искушенија ЕУ


Егзалтираниот Виктор Орбан во неделата вечерта по изборите

 

БУДИМПЕШТА – Унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе остане на главната маса на ЕУ – што значи повеќе судири околу основните вредности на блокот и поголем притисок за да се заземе цврст став кон Москва. Десничарскиот популистички лидер го освои четвртиот последователен мандат на изборите во неделата, при што неговата владејачка партија Фидес ќе заземе две третини од местата во унгарскиот парламент.

Иако се очекуваше Орбан да победи – не само поради неговата цврста контрола врз медиумите, за која неговите критичари велат дека се дел од пошироката шема на поткопување на демократските норми – обемот на неговата победа ги шокираше неговите противници, кои се обединија за да го предизвикаат. Приближно 53 отсто од унгарските гласачи го избрале Фидес, додека околу 35 отсто се определиле за разновидниот шестпартиски опозициски сојуз.

Изборната кампања беше трансформирана со руската инвазија на Украина, соседот на Унгарија. Орбан не беше оштетен изборно со негувањето на блиски односи со рускиот претседател Владимир Путин, и наместо тоа, се чини дека има корист со тоа што се покажа како гарант за мирот и стабилноста на Унгарија, кој ќе обезбеди земјата да не биде вовлечена во војната.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го нападна Орбан за помекиот став кон Москва од другите лидери на ЕУ. Додека Унгарија – членка и на ЕУ и на НАТО – ја осуди руската инвазија и ги поддржа санкциите на ЕУ кон Москва, таа се спротивстави на забраната за увоз на руска енергија и одби билатерално да му обезбеди на Киев оружје. Победата на Орбан значи дека тој најверојатно ќе заземе сличен став додека лидерите на ЕУ дебатираат дали да воведат построги санкции кон Москва, особено во светлината на извештаите за масакрот и силувањето на цивилите во украинските градови кои претходно ги држеле руските војници.

Во извонреден момент, во неговиот победнички говор во неделата вечерта, Орбан го спомна украинскиот претседател како еден од противниците со кои се соочи неговата партија на изборите – заедно со многу од неговите вообичаени цели, како што се „левото крило дома“, „меѓународното лево крило“, „бриселските бирократи“ и унгарско-американскиот финансиер Џорџ Сорос.

„Никогаш не сме изгледале толку добро како вечерва“, им рече Орбан на приврзаниците во Будимпешта, изјавувајќи дека неговата партија постигнала „таква победа што може да се види од Месечината – но сигурно од Брисел“. Но, таа победа дојде во услови на значителна загриженост од експертите за демократија и опозициските политичари дека изборниот терен  во Унгарија е крајно нерамномерен: партијата на Орбан го дизајнираше сегашниот изборен систем и го контролира – директно и индиректно – голем дел од медиумскиот пејзаж.

Ваквата загриженост за демократското назадување во Унгарија ќе дојде до израз уште еднаш за институциите на ЕУ, кои со години се мачат да ги решат сè поавтократските тенденции на владата во Будимпешта. Одлуката на Европскиот парламент во 2018 година да покрене постапка за Членот 7 на блокот – потег што се презема доколку се сметаат за загрозени основните вредности на ЕУ – не направи малку за да ја притисне Унгарија да го смени курсот. И додека ЕУ досега ги задржуваше парите наменети за Унгарија од  фондот за закрепнување на коронавирусот на блокот, Будимпешта се соочи со неколку конкретни последици за поткопување на демократските норми.

Во неделите пред изборите, Европската комисија требаше да активира нов механизам за намалување на буџетските средства за Унгарија поради загриженоста за владеењето на правото. Но, Комисијата се откажа, делумно поради изборите. Сега ќе растат повиците Брисел да дејствува.

Даниел Фројнд, германски член на Зелените во Европскиот парламент, кој беше гласен критичар на владата на Орбан, рече дека „ќе има долг список на работи кои биле нефер“ на унгарските избори и дека тој ќе продолжи да „притиска“ Европската комисија да дејствува за намалување на средствата.

За прашањата, вклучително и ЛГБТК+ правата, независноста на судството, миграцијата и слободата на медиумите, Брисел сега веројатно повторно ќе се судри со владата на Орбан – иако групата прашања против ЛГБТК+ поставени на референдум паралелно со изборите не поминаа, бидејќи гласачкото ливче не го исполни потребниот праг на излезност.

Орбо-унгарската империја

Во исто време, изборниот успех на унгарскиот лидер може да ги зголеми неговите амбиции да проектира влијание во странство. Како еден од лидерите со најдолг стаж во Европа, Орбан има тенденција да ја надмине својата тежина во европската политика. Тој сакаше да создаде сојуз на националистички и екстремно десничарски сили во Европа – спријателувајќи се со личности како Французинката Марин Лепен и Италијанецот Матео Салвини. Премиерот, исто така, работеше на воспоставување односи со конзервативците на Трамп преку Атлантикот, негувајќи ја поддршката на американските медиумски личности како што е Такер Карлсон од Фокс њуз.

Тој се трудеше да го проектира унгарското влијание и низ Централна и Источна Европа, зацврстувајќи ја поддршката меѓу тие што зборуваат унгарски во околните земји и инвестирајќи во односите во Западен Балкан. 

Во својот говор, Орбан им се заблагодари на сојузниците на Фидес во странство. „Тоа не е само наша победа“, им рече тој на приврзаниците. „Целиот свет“, рече тој, може да види дека демохристијанската и конзервативната политика „не е минато, тоа е иднина“.

Додека војната во Украина донекаде ги наруши неговите амбиции – ставајќи клин меѓу Будимпешта и нејзините блиски сојузници во Варшава – премиерот веројатно ќе се врати на обидот да го зајакне својот меѓународен профил. Како и да е, победата на Орбан ќе ги поттикне прашањата околу иднината на Вишеградската четворка, клуб составен од Унгарија, Полска, Словачка и Чешка, чие единство беше под зголемен притисок во изминатите недели. Другите членови на групата зазедоа потврд став кон Русија отколку Орбан.

„Мораме да ги почитуваме демократските избори во Унгарија“, рече чешкиот европратеник Томаш Здечовски, член на централно-десничарската Европска народна партија. Но, тој ги забележа разликите во Вишеградската четворка за Украина и ја опиша соработката во групата како „многу тешка“.

„Би било штета“, рече тој, доколку Орбан „сѐ повеќе“ се изолира во Европската унија. (Политико)