Орбан: Тука сме заради спорот со Бугарија и транспортните патишта


Унгарскиот премиер Виктор Орбан пред почетокот на разговорите со премиерот Христијан Мицкоски порача дека една од причините поради кои е во Охрид е да го реши спорот меѓу Македонија и Бугарија.

-Северна Македонија има спор со Бугарите, кои го блокираат процесот на членство. Унгарија е претседавач со Унијата, па може да се каже дека наша должност е да одиме во одредени земји за да ги решиме постоечките конфликти. Делумно затоа сме тука.

Сепак,  претседателството брзо поминува, но има прашања кои не поминуваат лесно, како што е миграцијата – рече Орбан за “Радио Кошут“.

Според него има и трета причина зошто унгарската делегација е тука во Охрид, а тоа е фактот дека низ Македонија  минуваат важни трговски патишта.

-Ако сакаме да ја однесеме нашата роба до морето во Унгарија, патот до грчките пристаништа води низ Северна Македонија. Економската соработка меѓу двете земји е важна, рече унгарскиот премиер.

Во интервјуто ниту има прашање ниту унгарскиот премиер го споменува азилот на екс премиерот Никола Груевски иако по смената на власта нема основа да тврди и натаму дека е прогонуван политички во земјата и треба да се врати да се соочи со правдата. (С.Ј.)