Орбан сакал да организира македонско-бугарска средба во Будимпешта
Христијан Мицкоски откри дел од планот на унгарскиот премиер Виктор Орбан за посредништво меѓу Скопје и Софија за да се намалат недоразбирањата и, ако може, да се амортизира усвојот од преговарачката рамка.
„Планот на унгарскиот премиер Виктор Орбан е, како земја претседавач со ЕУ, Унгарија да организира билатерален состанок во Будимпешта меѓу Македонија и Бугарија за да се види дали може да се приближат позициите за Северна Македонија да може да започне преговори со ЕУ“, рече Мицкоски во интервју за Канал 5.
Орбан ја објави својата идеја за посредништво за време на минатонеделната посета во Охрид, но тогаш не соопшти детали за планот. Официјална Софија веднаш го отфрли таквиот предлог, а нејзиниот став му беше пренесен и лично на унгарскиот министер за надворешни работи.
Мицкоски во интервјуто тврдеше дека соговорниците во Европската унија му рекле оти Пендаровски и Ковачевски ги убедувале дека ќе обезбедат 80 пратеници за гласање на внесување на Бугарите во Уставот, по принципот како за Преспанскиот договор.
„Пендаровски и Ковачевски прифатија нешто што не испорачаа. Нѐ засрамија и ги засрамија во ЕУ. Знаете мене што ми велат таму сите соговорници? Ми велат ние го поддржувавме тоа затоа што вашите нѐ убедуваа дека ќе испорачаат по принципот на Преспа, за уши ќе влечеле пратеници и ќе обезбеделе 80. Еве не успееја. Сега што правиме“, рече Мицкоски.