Орбан ќе „пука“ во празно во Брисел


Лидерите на земјите-членки на Европската унија се собраа на вонреден самит за да разговараат за зајакнување на одбранбените капацитети, како и да договорат помош за Украина. Единствен кој најави дека ќе се обиде да го спречи тоа е унгарскиот премиер Виктор Орбан, но информациите од Брисел се дека има план и за таквото негово очекувано однесување.

На прашањето што очекува од заклучоците за Украина, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ рече дека, доколку нема консензус, ќе оди на опцијата Б, а тоа е заклучоците да ги објави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, со поддршка на земјите членки кои се согласуваат. Пленковиќ вели дека е сосема јасно дека државите ќе инвестираат многу повеќе во одбраната во наредните години.

„Република Хрватска го достигна условот на НАТО од 2 отсто“, вели премиерот. Тој додава дека со економскиот раст, Република Хрватска ќе може да биде во чекор со новите барања и оти се видливи инвестициите во одбраната: набавени се авиони и тенкови, се инвестира во морнарицата …„Сето ова ќе донесе сигурност за нашите граѓани“, вели Пленковиќ.

 „Овде гледаме можност за хрватската одбранбена индустрија“, додаде Пленковиќ.