Орбан ја стави Србија на прво место за проширувањето на ЕУ

„Ниту едно проширување нема да успее без Србија“, рече Орбан на прес-конференцијата во Стразбур


 

Ниту едно проширување на ЕУ кон Западен Балкан нема да успее без Србија, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан на неговата денешна прес-конференција со Европскиот парламент во Стразбур, која сѐ уште трае. Орбан ја закажа денешната прес-конференција за 14,30 часот и е предвидено да трае два часа. Таа е своевиден увод во неговото утрешно излагање пред пратениците на Европскиот парламент за приоритетите на унгарското претседателство.

Според провладиниот весник „Маѓар немзет“ четири теми се важни за Будимпешта за време на водењето на ЕУ: конкурентноста, миграцијата, европската безбедносна и одбранбена политика, и проширувањето.

„Предлагаме чекори за создавање на европска одбранбена индустрија и зајакнување на технолошката база. За ова ќе разговараме и на 7 ноември во Будимпешта“, рече тој.

Што се однесува на политиката на проширувањето Орбан нагласи:

„Европа никогаш нема да биде целосна без интеграцијата на Балканот. Пред 20 години им ветивме на земјите од Западен Балкан дека ќе ги преземеме. Би било време да се сработи тоа. Унгарското претседателство свика и состанок на врвот на Европската унија и Западен Балкан. Западен Балкан вклучува неколку земји, а проширувањето треба да се заснова на заслуги, но дозволете ми да дадам геополитички коментар. Ниту едно проширување нема да успее без Србија“, рече Орбан.

Тој смета дека земјите од Западен Балкан не можат да се интегрираат без Србија. „Секој што мисли дека тоа е можно, брка илузии“, додаде Орбан.

На прес-конференцијата имаше и инцидент

Унгарскиот премиер, според извештаите на медиумите од Будимпешта, не ја споменал Македонија, ниту неговиот предлог за посредништво меѓу Софија и Скопје.

На прес-конференцијата имаше инцидент уште на самиот почеток, кога еден претставник на локални власти од Унгарија му викаше на премиерот, по што тој беше изнесен од салата.