Орбан, Груевски и Радев во иста мисија – ќе ја запираат војната во Украина

Орбан тргна во „антивоена турнеја“, Груевски тврди дека Европа ја чека агонија во 2026 и вели дека ЕУ неоправдано ја притиска Унгарија


Виктор Орбан, Никола Груевски, Румен Радев

 

Едно дуо-трио се појави во јавноста последниве неколку дена кое на свој начин ја заплашува јавноста дека е можна нова голема војна во Европа во која ќе страда целиот континент – и малите и големите, доколку не се најде некакво решение за смирување на борбите во Украина и разбирање за руските интереси. И Во исто време разбирање на европските интереси.

За македонската јавност е специфично што тоа дуо-трио е составено од двајца политички побратими – унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговиот гостин азилант, пребегнатиот Никола Груевски. И уште еден кој има големо разбирање за политиката на унгарската влада – бугарскиот претседател Румен Радев.

По враќањето од Америка, разговорите со Доналд Трамп и одлуката Унгарија да добие едногодишен мораториум за да продолжи да се снабдува со руска нафта (наспроти санкциите за другите земји) Виктор Орбан реши да оди на „антивоена турнеја“ низ својата земја како загревање за клучните избори во април 2025 каде ризикот за него и целиот естаблишмент е дека може да изгуби на гласањето.

Орбан ја почна „турнејата“ во саботата во Ѓер, град западно од Будимпешта. Проблемот за него беше што во исто време во Ѓер се одржуваше и друг митинг, оној на неговиот главен предизвикувач, Петер Маѓар. Според најголемиот дел од анкетите, Орбан и неговата партија Фидес, заостануваат зад Маѓаи и партијата Тиса за седум до 9 проценти. Маѓар, некогашен инсајдер во Фидес на Орбан, се појави на политичката сцена во Унгарија минатата година, и веќе пренасочува голем број незадоволни гласачи кон својот табор.

„Оние кои сакаат мир ќе ни се придружат“, рече Орбан во објава на Фејсбук пред настанот. Орбан се надева дека неговата антивоена порака може да ги поткопа шансите на Маѓар и на опозицијата. Маѓар му возврати: „Фидес е партија на војната и омразата, додека Тиса работи за мир дома и низ целиот свет“.

Орбан сака да се претстави како глас на разумот против она што тој го нарекува неуспешна кампања предводена од ЕУ за вооружување на Украина. Но, неговите критичари дома и во ЕУ веруваат дека десничарскиот политичар е премногу близок до Путин и го нарекоа „тројански коњ“ на Кремљ во блокот. Минатиот месец, Орбан предводеше „марш на мирот“ на кој им рече на илјадници насобрани дека Унгарија е „единствената земја во Европа што се залага за мир“.

„Кој и да мисли дека поддржува промена на владата, всушност ја поддржува војната, без разлика дали е свесен за тоа или не“, рече Орбан во говорот во октомври. „Има многу Унгарци кои веруваат дека поддржуваат добра кауза кога го поддржуваат Брисел и неговите кандидати за марионетска влада. Мораме да им кажеме: Брисел денес не е извор на помош, туку извор на опасност“.

Речиси во исто време кога Виктор Орбан ја најави „антивоената турнеја“, неговиот политички побратим, бегалецот во Будимпешта, Никола Груевски објави едно огромно писание на Фејсбук за неговите опсервации-ламентации за сегашнава ситуација на континентот кои се во согласност со она што го зборува унгарскиот премиер. И тие ламентации ги наслови како „Тапаните на војната почнаа да чукаат во Европа“. Овие ламентации предодредени да бидат некаква анализа, всушност го поддржуваат главниот наратив од приказната на Орбан – дека на Европа ѝ се заканува војна заради неможноста да се најде решение со агресивната Русија. Може да го прочитате овој огромен текст  од 700 реда на профилот на Груевски на Фејсбук ако имате желба и трпение. Ние ќе пренесеме некои од овие ламентации кои се вклопуваат во „антивоената“ турнеја на Орбан.

Груевски вели дека дека Унгарија се соочува со неоправдан притисок од Европската унија: „Погледнете само со какви етикети, финасиски казни, оправдани под други форми и разни закани за губење на правото на глас во ЕУ се соочува Унгарија, чие лидерство отворено внатре во рамките на ЕУ отворено бара промени на политиките на самата ЕУ. Освен за 3-4 други теми (нелегални мигранти, третман или права во делот на сексуалните различности итн), за кои подолг период Унгарија и Брисел имаат сериозни разидувања, сега на прво место исплива токму прашањето околу начинот на враќање на мирот и позицијата на Унгарија за мирно решавање на проблемите со преговори и компромиси“.

Тврдејќи дека „2026 година со сигурност ќе биде година на агонија во Европа“, Груевски вели дека никогаш во последниве 80 години немало толку „големи ега на некои водачи на големите држави од кои зависи дали ќе има војна или мир“; дека шансата за војна во Европа секојдневно расте; дека војните се случуваат кога одредени политички водачи размислуваат ирационално, односно кога егото го завзема просторот на рационалното. А се чини дека таквата состојба е веќе делумно на сцена; дека Украина сега е главна лабораторија за европската воена и одбранбена индустрија. Слично како и Орбан Груевски тврди дека „воената атмосфера и психоза се создава во европските главни градови за да се оправдаат огромните трошења на пари на европските граѓани на оружје и муниција наменети за одбраната на Украина и сопствена одбрана при евентуален напад. Застрашува фактот што низ клучните и најмоќни земји на ЕУ се креира силна и како што многу оддамна не било медиумска, дипломатска и разузнавачка атмосфера за војна“. И така натаму и така натаму… 

Уште да се додаде дека по таквата војна во Европа ќе се создале нови лабави конфедерации. Во тој случај Македонија би била во блокот кој  би можел да ги опфати Србија, Романија, Молдавија, Бугарија, Грција, БиХ, а можеби и други балкански држави. Таа балканска конфедерација, тврди Груевски, „би имала заедничка валута, надворешна политика, можеби и војска, и некој ‘сојузен’ буџет за заедничките работи и цели“.

Румен Радев и Петер Сијарто на средбата во Софија

Така мисли гостинот во Будимпешта. На ова политичко дуо им се приклучи бугарскиот претседател Румен Радев, кој минатата недела во Софија го прими унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто за да разговараат за антивоена алијанса.

Во Европа се формира политичка коалиција, која се спротивставува на пристапот на лидерите на ЕУ кон конфликтот во Украина и миграцијата, а Бугарија е клучен член, објави Сијарто на Фејсбук по средбата со Радев.

И додаде во стилот на Груевски:

„Ужасната воена психоза во Брисел продира во Европа“, рече тој и додаде дека многу западни политички лидери отворено работат „да ја принудат Европа на војна и да ги истурат парите на Европејците во Украина“. Сијарто рече дека ниту едно евро од средствата на европските даночни обврзници не треба да се испраќа во Украина во иднина, бидејќи „постои голема шанса да оди за финансирање на воената мафија, корупциската мрежа“, рече Сијарто. Тој додаде дека сè повеќе европски политичари зборуваат „со здрав разум и претставуваат антивоен став“.

Не е познато дека Сијарто се сретнал со некој друг во Софија, освен со Радев, иако надворешната политика на Бугарија ја конципира и води извршната власт, а не претседателот.

На веб-страницата на претседателството на Бугарија имаше само кратка вест за состанокот и општиот став на Радев дека „враќањето на мирот во Европа со помош на дипломатијата е примарна задача на ЕУ“.

Сите тројца од ова дуо-трио имаат свои причини зошто влегуваат во оваа „антивоена коалиција“. Орбан сака да го зголеми своите шанси пред изборите во април 2026 и по петти пат по ред да стане премиер, Груевски да го задржи неговото „гостопримство“ и да испрати некоја порака во татковината околу ЕУ, а Радев да привлече кон себе дел од прорускиот сентимент во Бугарија додека се подготвува да направи партија која ќе биде главен политички ривал на владејачката ГЕРБ.