Oпштини ќе добијат до милион евра за подобрување на водната инфраструктура – ќе се намали ли загубата што оди до 60 отсто?
Секоја од општините и општините во градот Скопје ќе добијат по 200.000 евра подеднакво од заемот од ЕИБ , а дополнително и според индексот на развој, бројот на жители и населени места за да ја подобрат водната инфраструктура. Но, дали тоа ќе биде доволно за да не намали загубата на вода што само во Скопје оди до 60 отсто?
За да ги добијат овбие пари, општините доставиле листа со вкупно 373 предлог-проекти, од кои во овој момент: Скопскиот регион има доставено 67 проекти, Вардарскиот 64, Источниот и Југозападниот по 50, Полошкиот 46, Југоисточниот 40, Пелагонискиот 36 и Североисточниот 20.
Mинистерката за животна средина и просторно плaнирање, Каја Шукова, на прес-конференција рече дека вкупната вредност на заемот за проектот изнесува 50 милиони евра и истиот ќе се отплаќа од Буџетот, а крајни корисници на средствата од заемот се општините и општините во Градот Скопје.
Шукова информираше дека Mинистерството за животна средина и просторно плaнирање (МЖСПП) со секоја општина ќе склучува договор за донација, а средствата ќе се распределуваат по утврдена методологија за реализација на приоритетни инвестиции за водоснабдителни, канализациони системи, пречистителни станици и опрема.
– Според одлуката на Владата на РСМ за распределба на средства од заемот на ЕИБ по финансискиот договор за проектот за подобрување на водната инфраструктура на општините во Северна Македонија, секоја од општините и општините во градот Скопје ќе добијат по 200.000 евра подеднакво, а од останата сума 16 милиони евра ќе бидат распределени согласно индексот за општински развој и процентот на распределба по планските региони според степенот за периодот од 2018 година до 2023 година, додека преостанатите 18 милиони евра ќе се распределуваат во зависност од бројот на население во општините – 70% и бројот на населените места – 30% – рече Шукова.
Според министерката Шукова, оваа распределба е развојна: 46 општини ќе добијат средства помеѓу половина и еден милион евра, на 28 општини ќе им се доделат средства под 500 илјади евра, додека шест општини (7% од вкупниот број на општини) ќе добијат повеќе од еден милион евра.
Таа додаде и дека МЖСПП во изминатиот период презема низа чекори и активности за реализација на проектот – донесена е Одлука за формирање на проектна единица за имплементација на проектот, објавени се два јавни повика за изразување интерес за експерти во единицата, формиран е проектен тим од МЖСПП за имплементација на проектот, доставени се барања до општините за листа со предлог проекти и документација и направена е првична анализа на листата на предлог проекти согласно утврдените критериуми.
Министерката Шукова најави и дека во следниот период се планира одржување на работилници со општините со цел објаснување на процесот и обука за пополнување на проектните прашалници. Исто така, Проектната единица за имплементација и Консултантот ќе работат на подготовка на тендерската папки за секоја од општините.
Што е со пречистителната станица во Скопје?
Прашана за тоа до каде се активностите од изградбата на пречистетлната станица во Скопје, Шукова рече дека во моментот се овиваат повеќе паралелни процеси и дека се надевам оти во следните месеиц ќе се почне со имплементација на проектот.
– Се отвораат банкарските сметки преку кои ќе се вршат праќањата. Се разговара со фирмата изведувач. Воспоставивме комуникација со Град Скопје и тие учествуваат во работните тела како и со претставници од „Водовод и канализација“ – рече Шукова.