Општина Струмица поддржува почнување на стартап бизниси за 20 млади лица


Општина Струмица со буџетски средства овозможува поддршка на стартап бизниси за 20 млади невработени лица за зајакнување на нивните капцитети заради почнување сопствени бизниси во 2022 година, соопшти градоначалникот Костадин Костадинов.

Според Костадинов, целта на оваа поддршка е да се поттикнат и охрабрат младите невработени лица да се вклучат во процесот за да изградат соодветни лични капацитети за развивање на своите бизнис идеи во реално остварливи бизнис планови со кои ќе може да почнат свои бизниси.

-Со тоа добиваат можност за користење општинска финансиска поддршка и воедно да се оспособат за аплицирање и користење на мерките на Владата преку Агенцијата за вработување, Подрачна единица во Струмица, напиша Костадинов на својот фејсбук профил.

Од вкупниот број пријавени млади невработени лица на Јавниот повик што ќе трае до 20 јануари, дваесет избрани кандидати ќе бидат вклучени во процесот од кои најдобрите пет ќе добијат по 60.000 денари за стартување бизнис.