Општина Струмица апелира до граѓаните да не ја предаваат старата бела техника на неовластени лица
Општина Струмица апелира до граѓаните да не ја предаваат старата бела техника и другата отпадна електрична и електронска опрема на неовластени лица, кои ја собираат со цел неовластено расклопување и издвојување материјали, соопштија денеска од локалната самоуправа.
-Во изминатите денови општинските инспектори, во координација со МВР – СВР Струмица, Сектор за економски криминал, спроведоа засилени контроли на терен. При контролите се одземени две комби возила натоварени со отпадна бела техника, затекнати кај лица за кои е утврдено дека неовластено ја собираат, транспортираат и расклопуваат отпадната опрема, се наведува во соопштението.
Од Општината ги повикуваат граѓаните да не ја предаваат старата техника на лица без овластување, да не дозволуваат неовластено расклопување на опремата, да не ја палат и согоруваат отпадната опрема и да не ја оставаат старата техника на јавни површини и несоодветни места.
Се додава дека Општина Струмица, преку Секторот за инспекциски работи, во координација со надлежните институции, ќе продолжи со засилени контроли за спречување на неовластено собирање, транспорт, расклопување и постапување со отпадна електрична и електронска опрема.