Општина Крива Паланка распиша конкурс за стипендирање на талентирани ученици, студенти и спортисти


Талентираните ученици – средношколци и студенти, како и спортски таленти од Крива Паланка ќе имаат можност да конкурираат за стипендии од општинскиот буџет во претстојната учебна година. Конкурсите за доделување стипендии во повеќе категории се веќе распишани и објавени на општинската веб-страница, а аплицирањето ќе започне на 28 септември.

-Општина Крива Паланка и во претстојната  учебна година 2026/27 ќе додели четири стипендии за талентирани ученици средношколци и четири стипендии за талентирани студенти. Објавен е и јавен повик за доделување стипендии на ученици спортисти во индивидуални и екипни спортови за учебната 2026/2027 година. Ќе бидат доделени вкупно осум спортски стипендии од кои: четири за спортисти во индивидуални спортови и четири за ученици-спортисти во екипни спортови. Висината на стипендијата изнесува 3.000 денари месечно, а ќе се доделува во период од девет месеци, посочуваат од општината.

Обрасците за пријавување се достапни на официјалната веб-страница на Општина Крива Паланка, www.krivapalanka.gov.mk, a пријавите со потребната документација се доставуваат директно во архивата на општината.

Рокот за аплицирање е од 28 септември до 16 октомври 2026 година, период во кој студентите од Крива Паланка можат да аплицираат и за субвенциониран превоз.

Општина Крива Паланка ќе обезбеди и субвенциониран превоз на 10 студенти, жители на општината, редовни студенти на државните универзитети во Скопје, кои ќе можат да остварат право на два повратни билети месечно на релација Крива Паланка – Скопје.