Општина Карпош: Сите училишта во општината имаат фотоволтаични системи


 Општина Карпош ги опреми десетте основни училишта на своја територија со фотоволтаични централи што произведуваат електрична енергија за свои потреби. Локалната самоуправа ја реализираше оваа иницијатива, откако претходно ја реновираше и кровната конструкција на сите училишни установи, се наведува во денешното соопштение на Општина Карпош.

– Во случајов, училиштата и детските градинки во Карпош се енергетски ефикасни објекти, со оглед на тоа што истите имаат поставено термичка изолација, прозорци со трослојно стакло, а некои од нив се загреваат на системи од обновливи извори на енергија, се додава во соопштението.

Воедно, како што се истакнува, Општина Карпош е првата локална самоуправа во нашата држава што постави хибридни колектори на детската градинка „Мајски цвет“ во Тафталиџе 2, што служат за производство на електрична енергија и топла вода.

– Поточно, овие колектори произведуваат струја со моќност од 3,2 киловати, а преку искористување на сончевата енергија се произведуваат и 300 литри санитарна топла вода, што се користи за потребите на кујната на оваа детска установа. Според планираната динамика, Општината ќе ги опреми и останатите детски градинки, што заедно со основните училишта ќе бидат енергетски ефикасни и финансиски одржливи институции, се подвлекува во соопштението на локалната самоуправа.