Општина Центар уште нуди локации за продажба на сладолед, пуканки, крофни… новогодишните куќички стојат на плоштадот


Фото: Б. Грданоски

Општина Центар ги потсетува граѓаните дека сѐ уште е активен јавниот повик за користење локации за поставување подвижни објекти и апарати на подрачјето на општината. 

Подвижните направи за продажба на сладоледи, пијалаци, пуканки, крофни, палачинки и други производи, ќе може да се поставуваат на 14 атрактивни и фреквентни локации во Центар. На Сквер Јадран, пред  Македонска опера и балет, Паркот на Франкофонија, кај Порта Македонија, кај Паркот жена борец, ГТЦ, пред административната зграда на Општината и кај Рекорд.

Целосната листа на сите локации со координати, заинтересираните може да ја најдат на општинската веб-страница.

Станува збор за специјализирани возила за улична продажба, со должина од 4 метри, висина до 3 метри, поставени на површина до 16 квадратни метри, во што влегува: подвижниот објект, подвижниот апарат или друга направа, манипулативниот простор и урбаната опрема (канта за отпадоци). 

Учесниците на повикот  треба да имаат регистрирано дејност во Централниот регистар. Должни се да поднесат потврда за исполнети технички услови за вршење на дејноста, опис и фотографија на подвижниот објект што ќе го користат и уплатница од 1.000 денари на сметка на Општина Центар. За поднесените барања ќе важи принципот „прв дојден – прв услужен“. Дополнително, откако ќе биде избран корисникот, треба да достави Решение за регистрација на мобилен објект издадено од Агенција за храна и ветеринарство.

Рокот за поднесување на пријавите е 30 дена од објавување на Јавниот повик (14.02.2024). Барањата се доставуваат во Архивата на Општина Центар, секој работен ден од  9 до 15 часот.

Субјектите што ќе добијат одобрение за поставување на објектите, ќе склучат договор на една година со Паркинзи на Општина Центар.

Повеќе детали на линкот https://www.centar.gov.mk/?p=19933

6 март 2024 (Фото: Б. Грданоски)

Додека Општина Центар уште бара заинтересирани продавачи на улична храна и пијалоци, Градот Скопје уште не ги тргнал куќичките кои за Нова година беа поставени на плоштадот „Македонија“. Најпрво скопјани со право реагираа дека нема никакви реквизити на плоштадот во Скопје, две недели пред Нова година, па откако се поставија – никако да се тргнат. Скопје се украсуваше `на врат, на нос`, а сега нема кој да ги тргне куќичките кои никој не ги користи, иако веќе сме март. 

26 февруари 2024 (Фото: Б. Грданоски)

И задоцнетото новогодишно украсување си постоја. Едвај минатата недела беа симнати сите лампиони, сијалички и дргу украси од булеварите околу централното градско подрачје.