Општина Центар пртодолжува со уривање на нелегалните тераси на кафулињата


По извршениот инспекциски надзор на угостителски објекти во Општина Центар со кој се утврдува легалноста на поставената урбана опрема надвор од деловен објект, започна отстранувањето на нелегалните тераси на повеќе од 20 објекти, а во процедура се и други извршни решенија по кои општината ќе постапува во наредниот период.
Ќе се отстрануваат објектите кај кои е утврдено дека и покрај немање одобрение за поставување урбана опрема од Град Скопје, тие ја поставиле опремата и направиле тераси со што бесправно узурпирале јавен простор.
Објекти кај кои Општина Центар утврдила нерегуларности и согласно тоа следува отстранување на терасите се кафе баровите: „Паладиум“, „Кофи Фектори“, „Бар Броз Кафе“, „Бар Деус“, „Бистро Правда“, „Нано бар“, „Бар Винил“, „Џус Бар“, „локал 45“, гостилниците „Сушико“, „Лантерн“, „Фрути ди Маре“, „Бруклински“, „Булевар“, „Сквер“ и рестораните „Гурмет“ и „Барака“.
Овие објекти по доставено барање до Град Скопје за вршење дејност надвор од својот деловен простор и поставување урбана опрема добиле официјално решение од Градот со кое нивното барање се одбива. Но и покрај тоа, тие постапиле спротивно од решението.
Согласно процедурата, инспекциските служби на Општина Центар по извршениот увид, му издаваат на инвеститорот решение за отстранување на што претходи определен законски рок и можност инвеститорот сам да постапи по решението. Доколку инвеститорот не го стори тоа, општината со полициска асистенција, ќе го отстрани нелегалниот дел.
Минатата недела беа урнати терасите на неколку кафулиња во Дебар Маало, а кај некои се изврши мерење, дали ги надминуваат границите на дозволеното.