Општина Битола со 59 апликации за 36 објекти на јавниот повик за финансирање на локалните самоуправи

Општина Битола до Министерството за локална самоуправа достави 59 апликативни формулари за 36 различни објекти, за кои општината во изминатиот период изготви проектна документација за аплицирање на новиот јавен повик за финансирање на инфраструктурни проекти во локалните самоуправи.
Од секторот за односи со јавност на Општина Битола информираат дека со апликациите ќе се обезбеди финансиска помош за реализација на приоритетни проекти кои се од големо значење за граѓаните и локалниот развој.
-Проектите опфаќаат реконструкција на улици во градот и населените места во општината. Во дел од нив, покрај коловозот, реконструкцијата опфаќа промена на канализациската и водоводната мрежа. Проектните апликации вклучуваат и изградба на три спортски сали во основните училишта „Стив Наумов“, „Тодор Ангелевски“ и во ПОУ „Даме Груев“ во село Долно Оризари, како и 10 спортски игралишта во училиштата, со соодветно осветлување. Дел од апликациите се и повеќе други проекти, со што вкупната вредност на аплицираните проекти е над 800 милиони денари, соопштија од локалната самоуправа.