Екс директорката на битолскиот Средношколски дом, Елена Спасеновска, е осудена на две години условна казна затвор


БИТОЛА – Елена Спасеновска, екс директор на Средношколскиот дом во Битола е осудена на условна казна затвор од две години за злоупотреби во службата додека беше директор, судски процес поттикнат од истражувачкото новинарсво на новинарката од Битола, Анета Блажевска.

По серијата текстови за екс директорката Спасеновска објавени од страна на новинарката Блажевска, Основното јавно обвинителство во Битола покрена обвинение, и почна судски процес. Основниот суд Битола ја најде виновна Спасеновска по сите девет точки од обвинението.

„На обвинетата и се утврдува единствена казна затвор во траење од 2 (две) години и истовремено се определува дека истата нема да се изврши ако осудената во рок од 5 (пет) години сметано од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело“, стои во пресудата на Основен суд Битола.

Обвинението против Спасеновска го застапуваше обвинителката Ирена Атанасовска, а судскиот процес го водеше судивката Елена Журовска.

Она што новинарката Анета Блажевска го пишуваше во нејзините истражувачки текстови сега е потврдено во пресудата на Основен суд Битола.

Судот ја најде за виновна Спасеновска за службените патувања, за незаконските исплати на пензионерот Менде Петровски и уште за ред други злоупотреби што ги практикувала додека директорувала со Средношколскиот дом во Битола, како кадар на СДСМ.

Многу од делата што ги направила Спасеновска се однесуваат на пензионираниот секретар на Средношколскиот дом, Менде Петровски и додека бил на работа и по пензионирањето.

Спасеновска во првите пет точки од обвинението сторила продолжено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, потоа со останатите дела сторила продолжено кривично дело од Законот за трансформација во редовен работен однос и продолжено кривично дело „Фалсификување исправа“.

Спасеновска, како што оцени судот, е виновна бидејќи своерачно на барањето за годишен одмор на тогашниот секретар Петровски напишала „не се одобрува“.- „но не донела решение за правото на користење на годишниот одмор по поднесеното барање, во кое би ги образложила причините зошто не му се овозможува користење на годишен одмор на работникот, по што ги пречекорила границите на своите службени овластувања и…донела решение за исплата на надоместок за неискористен дел од годишниот одмор за 2021 и 2022 година, а потоа составила и пресметка за исплата на истиот надоместок во вкупен износ од 103.989 денари, со што му прибавила корист на лицето М.П., а му нанела штета на Државниот ученички дом.“

Спасеновска во 2022 година ги пречекорила границите на своите службени овластувања, дозволила исплата на дневници и трошоци за службени патувања за Петровски кој тогаш веќе бил пензионер, не бил вработен во Државниот ученички дом и немал право на надоместување на трошоци. На пензионерот му дозволила да го користи службениот телефон иако немал право на тоа.

Во 2023 година Спасеновска со намера да си прибави имотна корист си одобрила исплата на неоправдани трошоци кои ги направила за службени патувања во Р. Србија и Р. Унгарија. Во 2022 и 2023 година иако била должна да спроведи постапка за јавна набавка, истата тоа не го сторила со што му прибавила корист на правното лице Сејф Акаунт ДООЕЛ Битола во вкупен износ од 180.000 денари.

Екс директорката на битолскиот Средношколски дом, Елена Спасеновска

Во текот на неколку години како директор на Државниот ученички дом во кој има помалку од 300 вработени, спротивно на Законот за трансформација во редовен работен однос, Спасеновска ангажирала повеќе од 3 лица за извршување на физичка и интелектуална работа врз основа на договор на дело без согласност од Министерството за финансии.

Спасеновска е осудена и за службените патувања во државата и странство, за што пишуваше и новинарката Блажевска. Во пресудата на Основен суд стои дека „направила лажни исправи – налози за користење на службено возило кои ги доставила до Државниот ученички дом за да го оправда своето отсуство.“

Судот утврди дека Спасеновска додека била странство лажно прикажувала дека била на службен пат во државата, за што потврда се доказите од граничниот премин Меџитлија и граничкиот премин кај Ново Село.

Вакви лажни налози Спасеновска правела за да ги оправда патувањата дури девет пати, додека ја напуштала или влегувала во државата. Судот констатира дека обвинетата –„Составила лажна исправа – налог за нејзино користење на службено возило.“

Спасеновска преправила и записник на Управниот одбор само за да се покрие во своето незаконско работење, но ја издал проредот со кој го напишала фалсификатот, што се разликувал од оригиналот.

Во пресудата на Основен суд Битола во еден дел пишува што се случувало во Ученичкиот дом, што се правила директорката Спасеновска да се „покрие“ по истражувачките текстови на Блажевска.

„По објавувањето во јавност на информациите за незаконитостите во работењето во ученичкиот дом, започнало интензивно средување на документацијата во Домот и обвинетата ги проверувала сите записници од Управниот одбор исклучиво каде што биле спомнати службени патувања. Бидејќи едно од службените патувања не било евидентирано во записникот од одржаната седница на Управен одбор, обвинетата ја преправила страната од записникот на Управниот одбор од 07.06.2023 година и ја заменила со нова страница со изменета содржина во делот на службените патувања и откако го преправила го испечатила и го ставила во евиденцијата на обвивката во предметот, а сите обвивки и предмети од Управниот одбор седеле заклучени во нејзината канцеларија по објавите во медиумите“, стои во пресудата.

Во овој судски спор оштетеното правно лице ДУД „Мирка Гинова“ Битола побаруваше од поранешната директорка Елена Спасеновска износ од 1.430.865 денари (околу 23.000 евра).

Но, со оваа пресуда Судот ја задолжи обвинетата Спасеновска, на оштетеното правно лице Државен ученички дом да му плати износ од 148.295 денари, на име имотноправно барање, во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата, а за разликата од бараниот износ од 1.430.865 денари оштетеното правно лице го упати на спор.

Инаку новинарката Анета Блажевска од Битола која го поттикна овој судски процес во 2024 година беше тужена од обвинетата Елена Спасеновска за клевета. Парадоксот е што Основен суд Битола (судија Кирил Јовановски) ја осуди новинарката по што Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и јавноста го оценија овој чин како притисок врз слободата на медиумите и истражувачкото новинарство. Жалбата на новинарката до Апелацискиот суд во Битола е дадена во 2024 година и се уште се чека одлука од апелационите судии. (Н.В.)