Општина Битола не наплатила една третина од данокот последните две години од мандатот на Наташа Петровска

Новото општинско раководство по извршената ревизија тврди дека куририте што биле ангажирани за достава на решенијата за данок не ја завршиле работата, а земале плата


Седница на Советот на Битола

 

БИТОЛА – Шестмина доставувачи на решенија за данок на имот две години биле на платен список на Општина Битола, а не си ја сработиле работата за која биле платени. Подоцна биле ангажирани уште тројца нови и тие не ги исполниле обврските докрај. Ова се случувало во двете години на ковид пандемијата, кога на чело на Општина Битола беше градоначалник Наташа Петровска. Недоставувањето на решенија за наплата на данок на имот довело речиси една третина од парите од данокот да не влезат во општинската каса, податок кој сега со смената на власта е нотиран во ревизорскиот извештај на Општина Битола.

Градоначалникот Тони Коњановски вели дека затекнал решенија за данок на имот кои не биле поделени до ноември, лани, кога тој ја презеде власта.

„Ова потврдува дека претходно не се водела грижа околу собирањето на даноците на имот и комуналните такси, што е утврдено во ревизорскиот извештај на внатрешниот ревизор објавен на веб страната на општината. Извештајот покажува дека, на пример, во 2020 година наплатата на данок на имот од физички лица изнесувала 61% во однос на утврдениот облог за таа година. Ова значи, во апсолутен износ од облогот од 90 милиони денари ненаплатениот дел во 2020 година, бил 35 милиони денари, додека во 2021 година ненаплатен дел од облогот од 92 милиони денари е 33 милиони денари, односно за двете години тоа е износ од 68 милиони денари“, наведува Коњановски, со критика дека претходната локална власт покажала негрижа за наплата на приходите, особено кај комуналните такси и закупнините.  

Овој проблем отвори дебата и на последната седница на Советот каде ВМРО-ДПМНЕ обвини дека станува збор за неработење и партиски вработувања, додека СДСМ возврати дека тоа е последица на ковид пандемијата, бидејќи граѓаните и фирмите не ги примале дома доставувачите на решенијата за данок на имот.

Бојан Бојковски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека во делот на прибирањето на приходите општина Битола во 2020 година склучила 6 договори за курири, доставувачи, преку приватна агенција, на ангажираните им е исплатена плата, иако било евидентно дека не вршеле достава на решенија за данок на имот.

„Од вкупниот број решенија 35 проценти не биле доставени до обврзниците, во превод биле плаќани лица кои не ги извршиле обврските, меѓутоа си земале плата. Се разбира партиски војници. Исто се повторува и во 2021 година кога се склучени пак договори со шестмина курири. И по ова се ангажирале уште три нови лица за доставување на решенија и тие пак не ја завршиле работата“, обвини Бојковски. 

За советникот од СДСМ Борче Корлевски, пандемијата била реална пречка за доставување на решенијата и исполнување на обврските на ангажираните курири и направи паралела со пописот и опструкциите од ВМРО-ДПМНЕ.

„Ревизорскиот извештај кажува кои се препораките и слободно читајте ги. Во 2020 година дали знаете дека имаше ковид пандемија. Дека курирот не го примаа граѓаните дома. Е како да ви објасниме за таа работа. Вие ја опструиравте реализацијата на пописот, да идат дома заради ковид. Како да дојдат куририте дома? И 30 проценти не ги нашле, можеби не му отвориле, можеби не сакаат да примат, и сега тие биле партиски вработувања“,  рече Корлевски.

Битолчани уште тогаш реагираат дека не ги добиваат решенијата за данок на имот и за фирмарина и дека е нарушена вообичаената пракса за доставување на решенијата. Подоцна најголем дел од битолчани решенијата ги добија по пошта, што значи дека општината плаќала и поштенски услуги.

Инаку, она што се случи како преседан во април 2020 години и што подоцна предизвика револт кај битолчани беше најавата на екс-градоначалничката Петровска во рамки на првиот сет економски мерки да предложи сите занаетчии и трговци поединци да бидат ослободени од плаќање фирмарина на годишно ниво. Но, до тоа не дојде.

„Како градоначалник предложив ослободување од закупнина на деловни простори во сопственост на Општина Битола за март, април и мај, ослободување од надоместоци за комунална такса за користење на простор пред деловни простории за март, април и мај, потоа ослободување на закупнина на градежно земјиште под објект за месеците март, април и мај, и ослободување од фирмарина на сите занаетчии и трговци поединци на годишно ниво“, рече на почетокот на кризата Петровска.

Подоцна се испостави дека решенијата биле веќе направени и нема враќање назад, дека сите ќе мора да се достават, а битолчани да ги платат. Засегнатите тогаш бараа, ако не може да бидат ослободени за 2020, барем ослободувањето да се префрли за 2021, но и тоа не се случи.