Општина Аеродром им додели над 860 таблет-уреди на сите четвртооделенци


Над 860 четвртооделенци од сите основни училишта во Општина Аеродром добија бесплатни
таблет-уреди обезбедени со средства од општинскиот буџет.

В. Д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, и министерката за образование и
наука, Весна Јаневска, денеска го посетија ООУ „Ѓорѓија Пулевски“, каде што лично им ги
поделија таблет-уредите на учениците во ова училиште.

Станува збор за проект на Општина Аеродром што се спроведува веќе трета година, а кој има
цел да го подигне образовниот процес на едно повисоко ниво, со што учениците добиваат
можност да го следат чекорот со современите текови на глобално ниво и да стекнат нови знаења
и развој на дигиталните вештини.

Градоначалникот Митески посочи дека ова е само еден сегмент од инвестициите што се
вложуваат во училиштата, како дел од процесот на создавање модерна и развиена општина, од
што најголеми придобивки имаат учениците.

Министерката Јаневска нагласи дека доделувањето бесплатни таблет-уреди е важен проект со
што доаѓа до израз синергијата меѓу Општина Аеродром и централната власт, што претставува
еден од главните приоритети за дигитализацијата и осовременувањето на сите процеси.
Општина Аеродром продолжува да работи на создавање уште подобри услови за сите наши
ученици, со што се придонесува за правилен раст и развој на идните генерации.