Опозицијата во Србија побара формирање преодна влада


Белград – Парламентарната опозиција во Србија денеска официјално побара формирање преодна влада – „Влада на доверба на народот“, јави дописникот на МИА од Белград.
Според нив, формирањето привремена преодна влада е единственото решение за надминување на кризата по падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад.

„Покрај нас…за ова зборуваа и непарламентарните организации „Крени-промени“ и „Проглас“, така што постои широк консензус за тоа како можеме да излеземе од оваа криза, нагласи претседателот на Народното движење, Мирослав Алексиќ на прес-конференција во Собранието.

„Денеска постигнавме високо ниво на договор … Опозицијата што стои пред вас има функционална соработка. Денеска почнува рокот за формирање преодна влада, иако сметаме дека рокот е веќе започнат и дека е веќе во тек многу порано откако Вучевиќ поднесе оставка“, рече Алексиќ.

Тој додаде дека власта го изгубила легитимитетот.